Фото: Принтскрин видео

Со последните јавни искази околу цената на изградбата на новиот Клинички центар во околината на Скопје јавноста може да биде збунета, и со право, зашто со мало истражување на познати факти се утврдува дека спинува Мицкоски, но спин е забележан и во изјавата на Филипче. Она што е точно е дека навистина се два различни проекти, но и во српскиот има сосема нова градба, пишува „Вистиномер“ во својот нов Контраспин, што подолу го пренесуваме во целост:

Изјави околу цената за изградба на новиот Клинички центар „Мајка Тереза“ во близината на Скопје дадоа и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски и министерот за здравство Венко Филипче, а и во двете изјави може да се детектираат спинови. Прва ја оценуваме изјавата на Мицкоски:

Спин: Слично е, ама разликата е во цената, и тоа голема разлика од речиси 400 милиони евра. 4 години украден живот.
Доста е

[Извор: ФБ профил на Х. Мицкоски – датум: 02.06.2021]

Контраспин: Под ваквата изјава на Мицкоски на неговиот ФБ профил, кој потоа е пренесен во повеќе медиуми и на веб сајтот на партијата ВМРО-ДПМНЕ,  е објавена фотографија на која се набрoени неколку параметри од српскиот клинички центар, кој од поодамна е во фаза на изградба и реконструкција, и планираниот нов Клинички центар во околината на Скопје, на западниот приод од градот.

Графичкиот приказ на Мицкоски

Од податоците што можат да се видат на графичкиот приказ, може да се забележат разлики, но највидлива е разликата во бројки. Имено, Мицкоски тврди дека разликата е безмалку 400 милиони евра (споредувајќи ги бројките од српскиот, кој би чинел 125 милиони евра и македонскиот, кој поаѓа од претпоставена бројка на Мицкоски од 500 милиони евра), што е намерно претерување или спинување во бројките. Тоа може да се види од изјавата на Филипче дадена на ТВ интервју за „Телма“ на 01.06.2021 година, каде што Филипче тврди дека конечната предвидена бројка е околу 430 милиони евра, со што вкупната разлика што ја претставува Мицкоски не е близу 400 милиони евра, туку околу 300 милиони евра, што секако може да се оцени како спин.

Кога станува збор за бројките, може да се констатира дека во старт има уште еден спин. А, тоа е дека ниту бројките за српскиот Клинички центар се конечни – тоа ќе се види на крај на проектот, кој е предвидено да заврши во август-септември 2022, ниту, пак, за Клиничкиот центар во Скопје, која е со непознат рок на изградба, но со една битна разлика: За цената на чинење на изградба на македонскиот центар, во законот поднесен до Собранието е предвидена ревизија пред да започне изградбата од независен странски проценител, како што појасни Филипче во интервјуто (од 59.мин и 30 сек.).

Двата проекта навистина не можат да се споредат, бидејќи станува збор за сложена градежна и финансиска конструкција кај српскиот центар, кој првично почнал да се гради во 1973 година, а сега се реновира, но и се доградува. Сето ова може да се види од мал преглед на историјата на изградба на Клиничкиот центар во Србија и на ветувањата за негово реновирање и модернизирање, а кое е најавувано уште од пред 15-тина година. Овој историјат го имаат направено колегите на српскиот „Истиномер“ уште во јуни 2020 година, а проектот го следеле и во 2015 година кога српскиот министер за здравство Златибор Лончар најавувал завршување на проектната документација.

Што значи, ако станува збор за сосема два различни проекта, не може да се споредува и цената на чинење, без оглед што параметрите околу бројот на болничките кревети и оперативните сали се релативно слични, но и многу различни, зашто за цената што ја наведува Мицкоски за српскиот центар, ќе се добијат комплетно нови околу 450 болнички кревети (300 на одделнија и 150 на интензивна нега), а не 1.000, како што се гледа од графичкиот приказ на Мицкоски. Впрочем, бројките кај српските политичари за бројот на болничките кревети постојано варираат, што може да се види од изјавата на претседателот Александар Вучиќ во 2019 година, кога најавува 900 кревети, а брјот на оперативните сали варира од 20 до 30.

Спинот на Филипче – сепак се гради и нова зграда во Белград

Од друга страна, спин може да се забележи и во изјавата на министерот Венко Филипче, кој запрашан за изјава за тврдењата на Мицкоски, на 1.6.2021 изјави:

Спин: Не е точно дека проектите може да се споредат. Во Србија станува збор за зграда која е изградена уште пред повеќе од 20 години и стои празна. Властите во Србија одлучија сега тоа да го реновираат и да го опремат. Не станува збор ниту за нова градба, ниту за капацитет од обем каков што ние планираме. Да не споредуваме баби и жаби

[Извор: Канал 5 – изјава на Филипче (0.40 мин) – датум, 01.06.2020]

Контраспин: Единствена точност во оваа изјава на Филипче е дека се споредуваат „баби и жаби“, односно дека станува збор за два различни проекта. Но, делумно извртување на фактите е дека „станува збор за зграда изградена уште пред 20 години и дека стои празна“, како и тврдењето дека „не станува збор за нова градба“.

Како што наведовме погоре, во анализата на српскиот „Истиномер“ може да се види дека стариот или досегашниот Клинички центар на Србија во Белград започна да се гради уште во 1973 година, а пуштен е во употреба во осумдесетите години од минатиот век.

Реконструкција и модернизација се најавувала уште после 2006 година кога бил добиен кредит за изградба на нови клинички центри во Србија, па во 2009 г., па во 2012 г. и конечно во 2015 бил одобрен проектот. Во моментот на одобрување постојниот клинички центар имал 12 спратови, од кои само 4 биле во целосна употреба, а многу клиники биле од павилјонски тип, дали на истиот дали на други простори во Белград. Сите овие информации можат да се најдат на линкот тука. Значи, делумно е точно дека стојат и изградени празни спратови и соби.

Но, во 2019 година во српските медиуми, а и од самиот сајт на КЦ, може да се види дека се гради нова кула до постоечкиот Клинички центар, која има, де факто, 12 спратови. Иако тогаш најавите биле дека ќе биде готова до јули 2021 година, во октомври 2020 година при посетата на српскиот претседател Александар Вучиќ на објектот, дадена е изјава дека проектот треба да биде готов во втората половина на 2022 година.

Дека станува збор за изградба и на нова зграда или изградба на цели нови 26 илјади квадратни метри може да се види и од овој линк.

Фото од КЦС/веб од 2019 од која се гледа дека се гради и нова зграда

* * *

Од двете изјави на Мицкоски и на Филипче може да се види дека вистината е лесно извртлива категорија кога станува збор за цената на чинење на новиот Клинички центар Мајка Тереза во близина на Скопје. Она што се, сепак, константи, се дека нова зграда е потребна, дека изградбата е исклучително скапа, бидејќи станува збор за поинакви цени отколку ако се гради класичен станбен објект, дека во ценaта на чинење треба да се пресметуваат и опременоста со медицински апарати и помагала и што е најважно, бидејќи министерот тука е сосема во право – не треба да се споредуваат „баби и жаби“, зашто проектите во Белград и Скопје се сосема различни, пишува „Вистиномер“ во својот нов Контраспин.