Пост на Фејсбук шири лажна вест дека спикерот на Собранието, Талат Џафери, бил пијан на седница. Станува збор за седницата која се одржа на 24.12.2020, а која траеше цела вечер, до доцните утрински часови. На седницата се расправаше за спорот меѓу Владата и Макпетрол, односно преземањето на ГАМА од страна на државата, пишува Вистиномер.

Постот за кратко време стана вирален и во моментот на нашата анализа имаше околу 1.750 интеракции (реакции, коментари и споделувања). Од коментарите под постот може да се забележи дека граѓаните и тоа како се фатиле на ваквата лага, па упатувале разни навреди на сметка на претседателот на Собранието.

Постот пренесува напис со наслов: „Џафери пијан на Седница на Собрание? (ВИДЕО)“.

На воведната седница на која се расправаше за спогодбата помеѓу Владта на Република Македонија и Га-Ма, голем впечаток остави претседателот на собранието, Таљат Џафери. Повеќето се сомневаат дека Џафери дошол со зголемено ниво на алкохол во крвта, а причина за сомнежот се неговите реакции кои може да ги погледнете на видеото во продолжение, се вели во написот.

Написот не тврди дека спикерот бил пијан, туку претпоставува, а тоа се гледа и по прашалникот содржан во насловот. Написот се повикува на „извори“ од типот „повеќето се сомневаат“, а кои се тие „повеќето“ не е посочено. Со самото тоа што тие се сомневаат, јасно е дека и напишаното во написот е сомнително, односно не е проверено. Понатаму, написот вели дека причина за сомнежот се реакциите на Џафери кои можат да се видат во видеото.

Под ова е постирано видео со објава: „Треба да се мери промили на алкохол при влез на собраниска седница! Особено на шверцувана!“. Но, кога ќе го пуштите видеото ќе видите дека станува збор за обична монтажа. Имено, од авион може да се види дека говорот на Џафери е сечен, лепен и монтиран и дека е направен така да изгледа дека спикерот зборува неповрзани работи.

Ваквата монтажа воопшто не е потврда дека Џафери бил пијан на седницата.

Но, она што претставува потврда дека ваквата инсинуација е невистинита, тоа се новинарските извештаи на повеќе медиуми за посочената седница, во кои никаде не беше спомнато дека Џафери таа вечер бил под дејство на алкохол.

Вистиномер се обрати и до кабинетот на спикерот Талат Џафери, со цел да добиеме одговор на прашањето, дали е точно дека претседателот на Законодавниот дом дошол пијан на седницата.

Оттаму децидно ги демантираат ваквите наводи.

Со оглед на тоа дека е крај на годината и во законодавниот дом секојдневно, а понекогаш и до доцните вечерни или рани утрински часови се одвиваат пленарните седници и седниците на работните тела, чијашто работа, со оглед на определбата за транспарентно и достапно Собрание, се пренесува директно на Собранискиот канал, за жал, се злоупотребува или манипулира позицијата и личноста на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери со очигледно монтирани, злонамерни и непотврдени инсинуации, кои ја дискредитираат неговата личност, позиција и одговорна должност пред институциите и граѓаните. Факт е дека овој собраниски состав, покрај тоа што е нов, составен е во поголемиот дел од пратеници кои се првпат на таа функција и, се разбира, имаат потреба од време за да ги научат правата и обврските што ги дава Деловникот за работа на Собранието и начинот како да ја вршат пратеничката должност. Би било добро доколку медиумите, порталите и јавноста, ја ценат и почитуваат спремноста на претседателот Џафери да им излезе во пресрет со совет и сугестии секогаш на сите пратеници, без оглед на нивната припадност, онака како што и се изјаснил уште на самиот почеток на неговиот сега веќе втор мандат, дека ќе биде претседател на сите пратеници. Со надеж дека овие очигледно монтирани видеа нема да успеат во тие злонамерни цели, со индигнација ги отфрламе, ни одговорија од кабинетот на Џафери.

Според сето ова, може да се заклучи оти веста дека Џафери дошол пијан на седница е обична лага, поткрепена со монтирано видео. Ваквите монтажи и лаги можат во голема мера да наштетат на угледот на личноста на која се однесуваат, односно во случајов на личноста на претседателот на Собранието на РСМ, Таљат Џафери.