Во вирален пост на Фејсбук, лажно се тврди дека извесни таканаречени „сатански слуги“ ќе изгласаат закон во САД, по што ќе ја искористат Американската федерална агенција за менаџмент на кризи (FEMA) и секој што ќе се искашла или ќе пројави покачена телесна температура ќе биде ставен во концентрационен логор и ќе биде убиен, пишува Вистиномер.мк во својата нова анализа, што подолу ја пренесуваме интегрално.

Постот е илустриран со фотографија од медиум во кој што се објаснува дека пратеник на Демократската партија на САД во државата Њујорк предложил закон со кој што се овозможува да се стават во притвор луѓето што се сметаат за потенцијален ризик по јавното здравје и дека на таков начин кризата со ковид-19 авторитарно ќе се злоупотребува.

Како дополнителни илустрации во постот се презентирани наводни затворски кампови со логото на ФЕМА. Со пребарување на овие фотографии во пребарувачот Гугл, се доаѓа до сознанието, односно до информацијата дека фотографиите се стари. Една од нив датира од 29 ноември 2007 година и е објавена во Њујорк тајмс. 

Според написот во којшто е објавена оваа фотографија, во овие приколки биле сместени жртвите од ураганот Катрина, а биле лоцирани во државата Луизијана. Значи, станува збор за информација комплетно неповрзана со ковид кризата и каков било закон што моментално е актуелен за гласање во САД. Фотографијата со опис и поврзаност со ураганот Катрина е објавена и овде.

Втората фотографија, искористена за манипулирање и дезинформирање на јавноста, е, всушност, фотографија на Асошиејтед прес, од авторот Раад Адајлех, објавена на 10 март 2015 година. На неа не е претставен никаков концентрационен камп, туку камп за бегалци во Азрак, 100 километри источно од Аман, Јордан. Фотографијата може да се погледне на следниот линк.

Но, да се навратиме на текстуалната содржина од постот што го рецензираме. За што, всушност, станува збор? Пратеник од Њујорк трет пат предлага закон кој што ќе им се дозволи на луѓето кои што се носители или се сомнителни на некоја болест, да бидат задржани во притвор. Меѓутоа, она што овој пост не го објавува, е тоа дека Ник Пери го предложил овој закон трипати во минатото, секојпат неуспешно, односно ниту еднаш не поминал пред претставниците на собранието на сојузната држава Њујорк. Првпат законот е предложен во 2015 година, кога корона криза не постоеше, потоа во јануари 2017 година, исто така кога коронавирусот не постоеше и третиот пат, во јануари 2019 година, исто така пред корона кризата. Во сите три наврати, законот не предизвика никакво внимание и ниту еднаш не беше процесиран подалеку од надлежната комисија.

Во изјава, Пери објаснува дека предлогот иницијално е креиран среде кризата со еболата во 2015 година, откако било утврдено дека инфицирани со ебола влегле на територијата на САД.

Не постои намера, нема план, ниту корист во мојот закон, да се одземат или да се злоупотребат било какви слободи кои им се дадени на Американците согласно Уставот. Ве охрабрувам да го прочитате законот внимателно и да не ги прифаќате енормно манипулираните и погрешно презентирани интерпретации за него, и покрај тоа што делумно тој може да се однесува и на ковид-19 пандемијата, рече Пери.

Инаку, првиот пат кога предлог законот се нашол пред гласање, не бил форсиран, зашто заканата од еболата беше спречена со пронаоѓањето на вакцината. Пратеникот додава дека е отворен за амандмани.

Инаку, законот би му дозволил на гувернерот да ги задржи во медицинска установа или во соодветен објект луѓето што претставуваат закана по јавното здравје.

Тврдењето дека со овој закон, кој не е ниту изгласан, ниту, пак, има реални шанси да се изгласа, се планира во концентрациони логори да се убиваат луѓе, е невистинито и претставува дезинформација која што не е базирана на ниту еден факт, не е базирана на ниту една изјава.

Во поткрепа на оваа дезинформација се искористени и фотографии постари од пет години, од контексти кои што се далеку од пандемијата со ковид-19 (која што воопшто не ни постоела пред 5 години) и тоа од природни катастрофи и војни. Текстот на самиот предлог закон може да се прочита на следниот линк, пишува Вистиномер.мк во својата нова анализа/.