Пост на Фејсбук ја манипулира јавноста дека на пописот во Швајцарија, Mакедонците можат да се попишат како северномакедонци, а не како Македонци. Притоа, понуден е принтскрин како доказ за тврдењето, на германски јазик. Но, доколку проверите на германски што значи напишаното, ќе сфатите дека ова е дезинформација и извртување на вистината, пишува Вистиномер.мк во својата нова анализа.

Постот пренесува напис со наслов „И во Швајцарија сме Северномакедонци“, а во него директно се напаѓаат премиерот Зоран Заев и Преспанскиот договор:

Не помина многу време од кога апологетите на Заев и СДСМ ги убедуваа граѓаните дека со промена на името не се менува и идентитетот на македонскиот народ. Толку многу го изразуваа “победничкиот” момент на капитулантскиот Преспански договор, што дури и навистина некои луѓе поверуваа (во интерес „бесплатно здравство во ЕУ земјите“) дека веќе може мирно да спијат, дека ќе се Македонци, без разлика на промената на името на државата, се вели на почетокот од написот.

Понатаму се посочува дека со додавањето на „северна“ во името на државата, полека се правела „промена на идентитетот, без разлика на самата содржина на Договорот“ и дека „сосема нормално ќе биде луѓето кои не се до толку упатени во спорот за името, природно, кога ќе видат дека доаѓате од Северна Македонија ќе ве ословуваат и забележуваат како северномакедонец“.

Како потврда за ваквото тврдење, написот објавува писмо од нашинец во Швајцарија:

По случаен избор добив писмо за попис од швајцарската власт. Во графата за втора/друга националност, не е дозволено да пишам Mazedonien, туку само Nordmazedonien. Тука прекинав да се попишувам и сега ќе морам телефонски да се расправам, бидејќи пописот е задолжителен. Се чувствувам понижен и обесправен. На мојот пасош сè уште пишува Македонија и Македонец и немам намера да го обновувам, ако треба ќе се откажам од државјанството ама северномакедонско и северномакедонски пасош не ми треба.

И сè ќе беше добро ако Nordmazedonien на германски не значеше Северна Македонија, а не северномакедонец. Значи не станува збор за националноста или за етничката припадност, туку за името на државата од каде доаѓаш, што може да се види и подолу во принтскринот во делот каде се наведени и други држави како Косово и Шри Ланка.

Nordmazedonien на германски значи Северна Македонија, а тоа лесно може да се провери доколку отидете на Википедија или пак, уште поедноставно, на Гугл транслјет.

И на официјалната веб страна на германското министерство за надворешни работи, Република Северна Македонија е именувана како Republik Nordmazedonien. Ако станува збор за северномакедонци, тогаш на германски би пишувало „Nordmazedonier“, „Nordmakedonier“, „Nordmazedone“ или „Nordmakedone“.

На германската Википедија, за етничката група пишува Mazedonier, а не Nordmazedonier. Македонската нација е „mazedonische Nations“, а македонскиот јазик е „mazedonische Sprache“.

Доказ дека на германски етничката припадност на Македонците е „Македонци“, а не северномакедонци е и говорот на германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас, одржан на 16.11.2020 година, по повод доделувањето на Наградата за човекови права на Фондацијата „Фридрих Еберт“ на премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев.

Во дел од својот говор Хајко Мас вели: „Die ersten Früchte dieses politischen Mutes konnten die Mazedonier im März dieses Jahres bereits ernten…“ каде јасно се гледа дека Македонците се именувани како такви, а не како северномакедонци.

Значи не е точно дека на германски јазик зборот Nordmazedonien се однесува на етничката припадност, туку на името на нашата држава, Северна Македонија. Според тоа, лажно е тврдењето дека на пописот во Швајцарија Македонците се нарекуваат северномакедонци. Текстот намерно ја користи ваквата дезинформација за да ја манипулира јавноста и за политички да поентира со напади врз премиерот Зоран Заев и Преспанскиот договор. За Преспанскиот договор и македонскиот идентитет можете да прочитате повеќе тука.