fbpx

Вистиномер: Дезинформациски трендови поврзани со странски влијанија во Република Северна Македонија

-

Со цел идентификување на трендовите на медиумското известување, како и клучните дезинформациски трендови поврзани со странските влијанија во земјава, во периодот од ноември 2021 до април 2022 година е направен мониторинг на домашните медиуми. За утврдување на главните дезинформациски трендови беше спроведена анализа на повеќе од 300 антидезинформациски написи, од кои 160 директно се однесуваа на откривање дезинформации поврзани со странски влијанија во земјата, а беа објавени како проверка на факти и аналитички написи од „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Во примерокот за спроведувањето на оваа анализа беа вкличени сите достапни написи што содржат проверливи факти што можат да се проверат со професионални новинарски методи, при што се водеше сметка да бидат вклучени сите високо вирални написи, односно написи со висока застапеност на социјалните мрежи.

За добивање дополнителни податоци во однос на вкупната медиумска застапеност на информациите поврзани со војната во Украина, која претставуваше и најактуелна медиумска тема во мониторираниот период, а со тоа и најподложна на дезинформирање, беше спроведен и мониторинг со употреба на клучни зборови, кои беа утврдени врз база на претходна квалитативна анализа на присутните наративи во медиумскиот простор. Примерокот за спроведување на мониторингот со употреба на клучни зборови ги опфати сите медиумски написи од набљудуваниот период  достапни на домашните агрегатори на вести.

Ваквиот методолошки пристап не обезбедува сеопфатна слика на домашното медиумско покривање во набљудуваниот период, но обезбедува јасна слика за трендот во известувањето на домашните медиуми како и за застапеноста на дезинформациските трендови во земјава.

Клучни дезинформациски трендови поврзани со странски влијанија

Од вкупниот број идентификувани дезинформациски написи во мониторираниот период, во примерокот на дезинформациски написи поврзани со странски влијанија, беа вклучени сите написи што се повикуваат или преземаат информации од странство, написите во кои се споменуваат други држави и/или меѓународни организации и/или институции, како и написи што на домашниот медиумски простор пресликуваат некои од глобалните теории на заговор. Преку овој начин на селекција, во анализираниот примерок се најдоа сите познати дезинформациски написи, со исклучок на оние што немаа никаква релација со теми, теории или ентитети надвор од државата и се однесуваа исклучиво на домашниот општествен живот.

Анализата на дезинформациските написи во периодот ноември 2021 – април 2022 открива дека на медиумите и социјалните мрежи во земјата постојат три главни дезинформациски трендови. Разбирливо, ако се има предвид интензитетот на случувањата и медиумското покривање на темата, најзастапени беа дезинформации поврзани со војната во Украина, кои во примерокот беа идентификувани во 57 различни написи.

Дезинформации што имаат цел да го поттикнат антиваксерството, како сѐ уште многу присутен дезинформациски тренд во земјата, беа застапени во 50 различни написи. Главните наративи на кои полагаа овие дезинформациски написи се претходно познатите тврдења дека вакцината против ковид-19 предизвикува болести (како рак, ебола, хив, невролошки болести, срцеви заболувања, инфекции и згрутчување на крвта), потоа, дека вакцините содржат отров, односно, графен оксид, како и тоа дека вакцините се штетни за бременоста.

Дезинформациите што поддржуваат различни теории на заговор беа нешто помалку застапени. При анализата беа идентификувани во 37 различни написи што шират теорија на заговор, при што речиси еднакво беа застапени сите претходно познати теории како: чипување, ДНК-клонирање и други генетски манипулации,  5G, пландемија, Фаучи, фармацевтска мафија, како и еугеника.

Во примерокот беа идентификувани и 16 дополнителни написи со дезинформации поврзани со различни други теми од областа на странски влијанија во земјата.

Ако го погледнеме присуството на идентификуваните дезинформациски трендови во временскиот период од ноември 2021 до април 2022, ќе забележиме дека дезинформациите поврзани со антиваксерството и теориите на заговор имаат константна временска застапеност, со мала варијација во текот на месеците, за разлика од дезинформациите за војната во Украина, кои го следат трендот на медиумското известување за темата.

Ширењето на дезинформациите поврзани со кризата во Украина, во почетокот на годината, додека кризата растеше во интензитет, сè уште беше многу мало. Но откако утрото на 24 февруари започнаа воените дејства против Украина, проверувачите на факти беа сведоци на суштинско менување на ситуацијата и енормно зголемување на дезинформациите за настаните, така што во текот на март беше достигнат максимумот на дезинформациските активности, па дезинформациите поврзани со војната во Украина беа повеќе од трикратно застапени. Иако во април е забележан мал пад во бројот на дезинформациски написи во однос на оваа тема, сепак, тие се повторно трикратно позастапени од преостанатите.

Најголем број дезинформациски написи потекнуваат од социјалните мрежи. Дури 152 од анализираните написи биле лични постови на „Фејсбук“, а само осум биле медиумски написи.

Дезинформациските во најголема мера се базирале на медиумски написи во домашните или странските медиуми (дури 76 од сите дезинформациски написи), а потоа и на објави на социјалните мрежи (38 објави, од кои 19 на „Фејсбук“, а 14 на „Твитер“). Во помала мера дезинформациите се засновале и на објави на „Јутјуб“ (16), веб-страници (13), како и на други извори.

Дезинформациски трендови поврзани со војната во Украина

Со развојот на воените сценарија за Украина се развиваа и дезинформативните наративи, кои патуваат глобално. Сепак, високиот степен на подготвеност на организациите за проверка на факти овозможи брзо детектирање на растечките наративи и спроведување иницијативи за справување со измамите.  Досегашните резултати од мониторингот на медиумското известување покажува дека постојат дезинформации што одат во полза на двете завојувани страни; сепак, односот е далеку од еквивалентен. Информативната војна што ја води Кремљ е систематска, далекусежна и вистински деструктивна.

Во многу раните фази на руската воена инвазија, дезинформациите беа првенствено фокусирани на воените аспекти што ќе го подигнат нивото на тревога и конфузија. Потоа, повикувајќи се на историски „вистини“, дезинформациите служеа за легитимирање, па дури и оправдување на антагонизмот, додека потресните приказни за украинските цивили имаа цел да постигнат емотивни реакции. Конечно, со теориите на заговор во кои се вовлекува и Украина, како што се измами поврзани со пандемијата или со „deep state“, се затвора кругот на познатите дезинформациски наративи.  Со понатамошниот тек на настаните, се очекува  дезинформациите да продолжат да се прилагодуваат на развојот на сценаријата, како што е примерот со растечките дезинформации за зголемените миграциски текови.

Според неделните извештаи за дезинформациските наративи за војната во Украина на Европската  опсерваторија за дигитални медиуми (ЕДМО), до крајот на април годинава во европскиот медиумски простор циркулираат поголем број наративи од кои се креираат следниве дезинформациски трендови:

  1. Преиспитување на војната, од нејзината реалност до нејзините мотиви;
  2. Неосновани информации за воените операции;
  3. Искривена претстава на Украинците и Зеленски;
  4. Дискредитирање на медиумското известување за Украина;
  5. Дезинформации за одговорност за украинските цивилни жртви;
  6. Дезинформации за украинските бегалци;
  7. Дезинформации за хуманитарната криза;
  8. Лажни информации за странска поддршка за Украина;
  9. Шеми за поддршка на руската инвазија врз Украина;
  10. Лажни информации за недостаток на храна и лекови;
  11. Неточно претставување на Русите.

Анализата на домашните написи покажува дека дезинформациите што се шират во земјава, генерално, се групираат околу неколку дезинформациски трендови кои се најопшти и најзастапени и во европскиот медиумски простор (како на пример, неосновано информирање за воените операции, преиспитување на мотивите за војната или, пак, искривено претставување на завојуваните страни), додека, пак, дезинформации поврзани со хуманитарната димензија на војната (како, на пример, одговорноста за украинските цивилни жртви, бегалската или хуманитарната криза) воопшто не се застапени.

Неосновани информации за воените операции

Фабрикуваните информации за развојот на војната се првите што се раширија од почетокот на инвазијата, збунувајќи го јавното мислење и создавајќи паника. Од самиот почеток на војната, сѐ досега, на медиумите среќаваме деконтектуализирани видеа и фотографии, со кои се шират дезинформации за вооружена агресија, експлозии и други случувањата на бојното поле. Исто така, голем е бројот на написите во кои се шират дезинформации за НАТО-бази и лаборатории за биолошко оружје во Украина, на кои наседнаа не само дигиталните, туку и некои од традиционалните медиуми. Ваквите наративи се присутни во речиси половина од написите што шират дезинформации за војната во Украина во земјава (44%), а исто така се најзастапени во европските медиуми, каде претставуваат околу една третина од сите дезинформации поврзани со војната во Украина.

Преиспитување на војната, од нејзината реалност до нејзините мотиви

Не е мал ниту бројот на наративите што ја збунуваат јавноста преиспитувајќи ги причините, па дури и основните факти за постоењето на војната во Украина. На социјалните медиуми се шират дезинформации дека војната во Украина е инсценирана, дека медиумите лажно известуваат за конфликтот, па дури и дека случувањата во Буча и Мариопол не се вистинити, туку станува збор за украинско сценарио наменето да ѝ наштети на руската позиција. Ваквите наративи се среќаваат во една четвртина (25%) од дезинформациите на домашните медиуми, а во исто толкава мера се среќаваат и во европскиот медиумски простор.

Искривена претстава на Украинците и Зеленски

Со оглед дека конфликтот во Украина разбуди тешки историски спомени, во јавната сфера почнаа да се појавуваат наративи што ги толкуваат настаните преку различни алузии на нацистичкиот режим. Иако употребата на вакви наративи е забележана кај двете завојувани страни, сепак треба да се напомене дека руската дезинформативна офанзива, во овој случај е далеку поуспешна. За разлика од антируските дезинформации (како на пример монтираната насловна страница на „Тајм магазинот“, каде што е претставен Путин со мустаќите на Хитлер), кои беа присутни во мала мера, проруските дезинформации кои го прикажуваат претседателот Зеленски и Украинците во нацистичко светло (како, на пример, монтираната фотографија на Зеленски како држи фудбалски дрес со свастика), беа многу присутни и во домашниот медиумски простор, каде заедно со уште неколку други наративи наменети за дискредитирање на претседателот Зеленски, беа пронајдени во речиси една четвртина (25%) од написите што шират дезинформации за војната во Украина.

Искривена претстава на Русите

Анализата на домашните написи покажува дека, за разлика од широко застапените проруски наративи, антируски дезинформации се присутни во значително помал број. Имено, на домашните дигитални медиуми беа пронајдени само пет написи во кои беа идентификувани дезинформации наменети да ја дискредитираат личноста на рускиот претседател Путин.

Содржинската анализа на дезинформациските трендови укажува дека во анализираниот примерок доминираат проруски дезинформациски наративи. Со исклучок на 5 написи, што претставува само околу 4% од вкупниот примерок, сите други написи одат во прилог на руската пропаганда. Дополнителната анализа покажува дека Украина, односно САД или НАТО, во негативен контекст експлицитно се спомнуваат во повеќе од две третини од медиумските написи.

Мониторинг на известувањето на домашните медиуми за војната во Украина

Мониторингот на медиумското известување за периодот ноември 2021-април 2022 дава јасна слика за тематската присутност во домашните медиуми. Медиумското покривање на темите поврзани со војната во Украина бележи нагорен тренд од почетокот на 2022 година, кога е забележано енормно интензивирање на медиумското известување, при што најголем број написи (main peak) е забележан во март, кога бројот на медиумските написи за темата двојно се зголемил во однос на претходниот месец, а тројно во споредба со јануари истата година. Во април бележиме опаѓање на бројот на написите до степен понизок од оној во февруари.

Мониторингот утврди дека најголем број написи во медиумското известување од набљудуваниот период се однесуваат на ставовите и изјавите на рускиот претседател Путин. Медиумската застапеност на Путин е доста висока и во периодот пред интензивирањето на активностите поврзани со војната во Украина. Така, Путин се споменувал во 421 медиумски напис во ноември, во 1143 написи во декември, а во 635 медиумски написи во јануари. Во февруари, бројот на написите во кои се споменува рускиот претседатал пораснал на дури 4819, во март на рекордни 7008, додека во април тој број изнесува 3426. Украинскиот претседател Зеленски во периодот ноември 2021-јануари 2022 се споменува во значително помал број написи во споредба со Путин. Во ноември, Зеленски бил споменат во само 66 новинарски написи, во декември во 119, а во јануари во 202. Сепак, во февруари бројот на медиумските написи во кои се споменува Зеленски нагло пораснал на 2029, додека во март го достигнал максимумот од 5322, а во април опаднал на 3181 напис.

Квантитативната споредбена анализа на медиумската застапеност на двајцата лидери, покажува јасен тренд на зголемување на медиумската застапеност на Зеленски. Ако во јануари, Зеленски бил трипати помалку споменуван од Путин, во текот на февруари и март таа разлика значајно се намалува за во април да бележиме речиси еднаков број написи што се однесуваат на Путин и на Зеленски.

Во медиумите бележиме и интезивирање на известувањето за активностите на руската армија од почетокот на 2022 година. Така, руската армија во јануари била спомената во 105 новинарски написи, во февруари во 996, во март во 1858, а во април во 1052 написи.

На домашните медиуми во поголема мера биле застапени известувањата поврзани со односот на  Европската Унија и Русија, отколку информациите за односите на релацијата НАТО-Русија-Украина. За односите на Европската Унија и Русија во ноември се известувало во 80 новинарски написи, во декември во 294, во јануари во 207, додека, пак, во февруари во дури 1586 новинарски написи. Најголема медиумска застапеност е измерена во март (1860 написи), а во април овој број се намалил на 1311. Бројот на новинарските написи во кои се споменуваат завојуваните страни Русија и Украина, но и НАТО-алијансата, во ноември изнесувал 37, во декември 158, во јануари 411, во февруари 659, во март максимални 1.079, а во април опаднал на 398 написи.

Самиот поим дезинформација е речиси еднакво застапен во мониторираниот период, со благо интензивирање во периодот јануари-април, притоа следејќи го истиот тренд на зголемување на медиумската застапеност на написите што известуваат за војната во Украина. Во ноември, дезинформации се споменувале во 208 написи, во декември во 190, а во јануари во 213. Бројот на написи во кои се споменуваат дезинформации во февруари пораснал на 279, во март на 316, а во април опаднал на 239.

Видливо е дека во периодот јануари-март нагло пораснал бројот на написите во кои се споменува рускиот претседател Путин во контекст на нашата земја. Во јануари, беа забележани само 6 такви написи, во февруари бројот пораснал на 82, додека пак во март дури на 132. Во април, бројот на вакви написи во домашните медиуми опаднал на 30.

Од јануари, исто така, бележиме тренд на пораст на медиумските написи во кои се анализира руското влијание. Имено, такви написи во јануари имало 3, во февруари, 23, во март 48, а во април 68. Во март и април се забележува и појава на написи во кои се обработуваат содржини што ги вклучуваат Русија, Србија и Северна Македонија (14 во март и 16 во април).

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бројни награди за учениците од „Илија Николовски Луј“ на Меѓународниот фестивал „Полихимниа“

Денеска заврши Меѓународниот фестивал „Полихимниа“, кој деветти пат по ред годинава се одржа во Скопје. Млади музичари, студенти и професионалци од Македонија, секој со својот инструмент и во соодветна...