fbpx

Вистиномер: Дезинформациите и манипулациите за и околу францускиот предлог

-

Серија дезинформации и манипулации кружат околу предлогот на француското претседателство на ЕУ на јавната сцена. Некои се бесмислени, но не и наивни и невини, други се однесуваат на самиот текст од документот, но имаат проблем со сопствената политичка позадина и потребата од стекнување политички поени, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Контроверзиите и несогласувањата околу таканеречениот француски предлог, односно предлогот на Француското претседателство на Европската Унија за започнувањето на преговорите на С. Македонија за членство во ЕУ дополнително го разгоереа и онака вжештениот политички амбиент во земјата. На крајот ставовите, сепак, ќе се судрат во македонскиот Парламент, каде што е и местото за полемизирање, дебати и одлуки по вакви важни прашања, какво што е ова од кое зависи и иднината на земјата. Но, покрај полемиките и дебатите, во изминатите денови се појавија и дезинформации и манипулации, кои не му се од корист никому.

ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ ПРИФАТЕН УШТЕ МИНАТАТА НЕДЕЛА?

Уште пред воопшто францускиот предлог и да биде објавен, макар само и на англиски јазик, на социјалните мрежи беше споделен напис со неточен наслов, според кој францускиот претседател Емануел Макрон изјавил оти „Македонија го прифати францускиот предлог“. Ова не беше точно на 30 јуни, кога е објавена оваа вест, а такво нешто не е точно ни денес (07.07.2022), речиси една недела подоцна. Станува збор за класичен кликбејт по принцип на сензационалистички наслов, кој нема врска со содржината на текстот кој следи. Во самиот споделен напис се вели дека Владата соопштила оти „пристигнал ‘предлог со идеи’ од Француското претседателство на ЕУ“, што значи дека не станува збор за прифаќање. Но, како што редовно се случува кога се работи за кликбејт, авторот на таквиот наслов смета на фактот дека најголем дел од корисниците на социјалните мрежи нема да го прочитаат целиот споделен напис и ќе му поверуваат на насловот.

МАКЕДОНЦИТЕ ОД АЛБАНИЈА ВО ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ?

Tри дена подоцна, во некои портали се појави вест, во чиј наслов се тврди дека „Во францускиот предлог за преговорите со ЕУ нема Македонци во Албанија“. Написот се потпира единствено на Фејсбук статус на професорката д-р Елка Јачева-Улчар, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, која, пак, се повикува на информација што ја добила од „охридски ФБ пријател“.

„Само што го добив од мојот охридски фб-пријател Владо Жура: ,,Во делот за Албанија во рамковната позиција се наведува дека „очекуваме правата на бугарското национално малцинство да бидат максимално загарантирани, вклучително и изучувањето, без административни пречки, на литературниот бугарски јазик како мајчин јазик во регионите традиционално населени со нив, како што се Голо Брдо, Гора, Преспа, Корча, Кукес, Елбасан, но и на кое било друго место на територијата на Албанија каде моментално живеат“, пишува Јачева – Улчар на Фејсбук.

Но, информацијата нема никаква врска со францускиот предлог, туку станува збор за исечок од  Декларацијата или рамковната позиција на бугарското Собрание од октомври 2019 година.

Точно е дека во овој документ, во делот што се однесува на евроинтеграцијата на Албанија, се бара донесување на закон за малцинствата и гарантирање „со максимален степен на правото на бугарското национално малцинство во оваа држава за изучување на бугарскиот литературен јазик како мајчин во регионите во кои живее – Голо брдо, Гора, Преспа, Корча, Елбасан и Кукс“. Меѓутоа, тој документ нема ништо заедничко со францускиот предлог за започнувањето на преговорите на С. Македонија со ЕУ, ниту, пак, што било од ова се спомнува во тој предлог. Уште повеќе, францускиот предлог не се спомнува ниту во Фејсбук статусот на професорката Јачева-Улчар, туку јасно се вели дека станува збор за цитат од „делот за Албанија од рамковната позиција“.

Како се најде францускиот предлог во насловот на текстот од порталот „Република“, односно како „рамковната позиција“ на Бугарија од 2019 година стана „францускиот предлог“ од 2022 година останува нејасно.

КЛЕВЕТИ ВРЗ ШАРЛ МИШЕЛ – ТИПИЧНО ЗА ПРОТИВНИЦИТЕ НА ЕУ

Како и секогаш кога на дневен ред во земјава се дискутира и се работи на преземањето активности за приближувањето кон ЕУ, противниците на македонското членство во Унијата, покрај врз таквите активности, се нафрлаат и врз конкретни претставници на Унијата или со навреди и лични напади, или, пак, со клевети и дезинформации, каков што е и овој случај со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Првичната дезинформација за овој европски функционер беше објавена уште на 15 јуни, речиси три недели пред неговото доаѓање во Скопје.

Објавена е фотографија на маж во женска облека (сукња и чевли со високи потпетици), при што неточно се тврди дека лицето на фотографијата е Шарл Мишел. Станува збор за сосема друго лице, кој само на прв поглед личи на Мишел. Фотографијата е со многу лош квалитет, но само ако малку повнимателно се погледне, може да се разоткрие обидот за измама. Измамата станува уште појасна ако се отиде малку подлабоко и ако се почне неколкуминутно интернет пребарување и тоа особено, ако се пребараат социјалните мрежи.

Оваа дезинформација, како што и може да се претпостави, беше користена во текот на посетата на Шарл Мишел на С. Македонија, при што содржината од првичниот и веќе дебанкиран ФБ статус беше дополнително споделувана и покрај тоа што тој веќе беше рецензиран од проверувачите на факти на „Вистиномер“, во чија рецензија, пак, детално се објаснува дека лицето со женска облека не е Шарл Мишел.

МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК СИ Е МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК

Како што почна да станува позната содржината на предлогот на Француското претседателство за започнувањето на преговорите на С. Македонија за членство во ЕУ, така почнаа да се појавуваат и толкувања на овој и на другите придружни документи. Во едно такво „толкување“ на политичката партија Левица, споделено на Фејсбук во вид на статус составен од неколку слогани, меѓу другото се вели и дека на протестот против овој документ било искажано „незадоволство од понижувачкиот предлог на Европската унија“, за потоа да се додаде дека „народот пред Владата на Република Македонија упати јасна порака“ при што во дел од таа порака се вели дека „македонскиот јазик не е дијалект и фуснота“.

Проблемот е само што такво нешто, особено третирање на македонскиот јазик како да ќе претставува „фуснота“, нема никаде во предлогот. Македонскиот јазик во францускиот предлог е третиран онака како што тоа се прави редовно во Европската Унија. Точно е дека во Бугарија има раширени ставови според кои нашиот јазик е дијалект на бугарскиот, но таквите интерни бугарски ставови ги нема во овој документ. Генерално, кога станува збор за македонскиот јазик, Бугарија би сакала наместо „македонски јазик“ да се користи терминологија од типот „официјален јазик на Република Северна Македонија“ или „македонски јазик согласно Уставот на Република Северна Македонија“. Договорот за пријателство, добврососедство и соработка меѓу двете земји е потпишан на сличен начин, поконкретно во „два оригинални примероци, секој од нив на официјалните јазици на Договорните страни – македонски јазик, согласно Уставот на Република Македонија и бугарски јазик, согласно Уставот на Република Бугарија, при што и двата текста имаат еднаква важност.

Ова значи дека бугарската страна нема ништо против да потпишува документи во кои се вели дека тие се изработени на македонски јазик без фуснота.

Она што е договорено како отстапка по ова прашање, тоа е дека само пред првата меѓувладина конференција и само еднаш бугарската страна ќе може да го соопшти своето мислење за македонскиот јазик – дека бил дијалект на бугарскиот во вид на фуснота. Но, тоа го нема во францускиот предлог, тоа ќе биде само во една прилика, а понатаму македонскиот јазик во Унијата ќе се именува без какви било дообјаснувања, па дури и ќе ја нема обврската да се истакнува дека станува збор за „македонски јазик – според Уставот на Република Северна  Македонија“ или другата омилена бугарска формулација „официјален јазик според Уставот на Република Северна Македонија“.

Она што за нас е важно во овој текст, тоа е фактот дека нема спомнување на фусноти и дијалекти во самиот француски предлог, како што се сака да се наметне во статусот на Левица.

ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ НЕ Е ПОГЛАВЈЕ 34

И, на крајот, треба да се спомне манипулативното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, во кое на Бугарија ѝ се припишува небаре семоќен и специјален статус, односно се сака да се наметне впечаток како Бугарија да добила специјални овластувања со францускиот предлог. Па се вели дека:

Македонскиот јазик не е гарантиран со предлогот со кој се фали владата. Официјалниот јазик  на земја кандидат за ЕУ, се признава во поглавје 34. Македонскиот јазик го нема во предлогот, и постои опасност кога ќе се отвори и затвори поглавјето 34 истиот да биде оспоруван.

Со овој предлог се остава проблем и можност јазикот да биде оспорен, бидејќи тој не е гарантиран.

Овој извадок од соопштението на партијата е контрадикторен на самиот себеси, барем во истата она мера во која е манипулативен. Ако „официјалниот јазик на земја кандидат за ЕУ, се признава во поглавје 34“, тогаш него не може да го има во овој предлог, зашто овој предлог не е поглавје 34. Исто така, македонскиот јазик не е „гарантиран“ во овој предлог, како што се вели во соопштението, од истата причина.

Понатаму, не е точно дека „македонскиот јазик го нема во предлогот“, како што се вели во соопштението. Еве потврда за тоа, кога станува збор за преводот на европскиот acquis:

Северна Македонија ќе треба навремено да направи преводи на правото на ЕУ (acquis) на македонски пред пристапувањето и ќе треба да обучи доволен број преведувачи и толкувачи потребни за правилно функционирање на институциите на ЕУ по нејзиното пристапување, се вели во францускиот предлог.

И на крај, опасностите од оспорувања и забелешки во текот на преговарачкиот процес, не претставуваат никаква специјална позиција на Бугарија, ниту пак, специјален статус на источниот сосед во текот на нашите преговори за членство. Секоја земја членка може во текот на тој процес да даде забелешки и да изрази несогласувања, но нив ќе треба да ги објасни и да ги аргументира и пред другите земји членки, а уште поважно, и пред нашите преговарачи, кои ќе бидат присутни на сите дискусии и ќе можат да ги изнесат нашите аргументи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...