Вистиномер: Дезинформации дека вакцините ќе бидат забранети и дека е најден „спасоносен“ лек против ковид-19

Фото: Мета.мк

Ниту вакцините ќе бидат укинати и забранети, ниту досега е најден лек кој ќе го уништи коронавирусот, како што се наведува во Фејсбук објавата што ја рецензираме, која е полна со лаги и дезинформации, пишува „Вистиномер“ во новата анализа, што подолу ја пренесуваме во целост:

Рецензираме објава на Фејсбук во која се изнесени бројни дезинформации и недоследности поврзани со вакцините и терапиите за лечење на ковид-19. Постот, со наслов „СЕПАК СВЕТЛО НА КРАЈОТ НА ТУНЕЛОТ !“, шири невистини дека вакцините наскоро ќе бидат забранети, посочува „спасоносен лек“, но и упатува на теории на заговор без никакви докази и факти, со што ја доведува во заблуда јавноста, што, пак, може да има штетни последици врз здравјето на луѓето и процесот на имунизација.

На почетокот на објавата се вели:

Од 20 октомври 2021 вакцините нема веќе да бидат потребни и задолжителни, ова е потврдена информација. ЕУ дозволи 5 терапии за лечење на Ковид, кои ќе бидат на располагање во сите болници  за лечење на САРС Ковид. Вакцините биле дозволени само како „привремено експериментално средство“ .

Ова тврдење воопшто не е точно.

Вакцините не се задолжителни, иако се повеќе држави вакцинацијата ја поставуваат како услов за работа, особено во здравствените установи, пристап до угостителски и други затворени објекти, што е дел од стратегијата за спречување на пандемијата и намалување на бројот на заболени.

Авторот шири невистини и дека вакцините веќе нема да бидат потребни, зашто се пронајдени 5 терапии за лечење и вели дека тоа е потврдена информација, но никаде не го наведува изворот со кој ќе ја поткрепи неговата изјава.

Вистина е дека ЕУ работи на Стратегија за терапевтски пристап против ковид-19, која веќе дава почетни резултати, но досега не е одобрен ниту еден фармаколошки производ за лечење на коронавирусот. На интернет страницата на Европската комисија е претставено првото портфолио од 5 терапевтски препарати (еден имуносупресив и 4 моноклонски антитела), кои наскоро би можеле да бидат достапни за лечење на болните, но ЕМА се уште спроведува постепена евалуација за нивниот квалитет, безбедност и сигурност.

Постоечките ветувачки лекови, кај кои би можело како нова индикација да се додаде и лекување на ковид-19 се:

  • имуносупресивот baricitinib за кој се вршат проценки на  барањето за проширување на одобрението за ставање во промет со опфаќање и на лекување на ковид-19
  • комбинација на bamlanivimab  и etesevimab -комбинација на casirivimab and imdevimab-regdanvimab-sotrovimab

Но, сите овие терапевтски препарати сè уште се во фаза на разгледување, а Стратегијата  има за цел  три нови терапии да бидат достапни до октомври 2021 година и евентуално уште две до крајот на годината, така што во тврдењето на авторот недостасува контекст.

Денес го правиме првиот чекор кон широко портфолио на терапевтски лекови за лекување на ковид-19. Додека вакцинацијата напредува со зголемена брзина, вирусот нема да исчезне и на пациентите ќе им требаат безбедни и ефективни третмани за да го намалат товарот од ковид-19, вели комесарот за здравје и безбедност на храна, Стела Киријакидес.

Стратегијата, која се фокусира на третманот на пациенти со ковид-19, е дел од Европската здравствена унија и ја надополнува и се применува координирано со, како што е наведено, успешната Стратегија за вакцини на ЕУ, преку која безбедни и ефикасни вакцини  се овластени за употреба во ЕУ за спречување и намалување на преносот на случаи, како  и на стапките на хоспитализација и смртни случаи предизвикани од болеста.

Ова значи дека евентуалните нови терапии во никој случај не ги исклучуваат вакцините, ниту, пак, тие ќе бидат забранети, како што тврди авторот на постот, кој не прави разлика помеѓу терапија на заболените од коронавирус и заштита на населението од заболување од овој вирус преку имунизација. Стратегиите се комплементарни една со друга и имат за цел  координиран пристап за подобра заштита на здравјето на  граѓаните, подобро спречување и справување со идните пандемии и подобрување на отпорноста на здравствените системи во Европа.

„Вистиномер“, пак, досега повеќе пати пишуваше дека вакцините не се експериментални и дека ги имаат поминато сите фази на клиничко испитување, а вакцината „Фајзер“ веќе доби и одобрение за целосна употреба од FDA. Истовремено, СЗО континуирано спроведува евалуациски процес за сите одобрени и достапни вакцини, кои од страна на експертите се оценети како „неверојатно ефикасни“ и покрај стравувањата дека имунитетот може да се намали со текот на времето, за што повеќе можете да прочитате овде.

Невистинито и небулозно е и тврдењето во објавата дека „со стапување во сила на употребата на терапиите со лекот Ивермектин престанува и се забранува секакво вакцинирање“.

Сега ви е јасно зошто се врши ваков притисок врз луѓето затоа што сите држави се договориле дека септември е клучен за да ги распродадат однапред купените залихи. Заначи парите се мотивот. Морате да бидете трпеливи и да не дозволувате никаков притисок и уцени. Лекот Ивермектин е дозволен и тестиран во Инстититот  Пастер во Франција и неговата ефикасност е призната.  Кај некои луѓе само една терапија ќе биде доволна да ги неутрализира сите генетски материјали  од ковидот. Макроновата влада ова го знаела однапред, но информацијата истекла меѓу луѓето и затоа французите се најагилни во борбата со полицијата, стои подолу во постот.

Лекот Ивермектин воопшто не е меѓу терапиите, кои се дел од Стратегијата за терапевтски пристап против ковид-19.  Тој е анти-паразитски агенс со широк спектар, вклучен во листата на основни лекови на СЗО за неколку паразитски заболувања. Но, тековните докази за негова употреба во лекување на пациенти со ковид-19 се неубедливи, а група експерти, која ги прегледала збирните податоци од 16 рандомизирани контролирани испитувања заклучува дека подобрувањето кај пациентите се со „многу мала сигурност“. СЗО, ЕМА и други научни студии, врз основа на нивните истражувања (овде, овде , овде) препорачуваат лекот да се користи само во клинички испитувања.

Институтот Луј Пастер, пак, забележува дека ивермектинот влијае на намалено воспаление во респираторниот тракт и ублажување на симптомите, но резултатите не покажуваат никакво влијание врз вирусната репликација на САРС-КоВ-2, односно лицата што добиле третман имале слични количества на вирусно оптоварување во носната шуплина и белите дробови како оние што не биле третирани со овој лек.

Ова само потврдува дека Ивермектинот не е „магичниот лек“, заради кој државите спроведуваат теорија на заговор за да ги потрошат сите залихи на вакцини месецов, затоа што е пронајдена „спасоносна терапија против ковид-19“.

Од сето ова може да заклучиме дека објавата е полна со дезинформации, невистини и лаги. Ивермектинот е ефикасен лек за одредени заболувања, но не е „спасоносен“ против ковид-19, ниту е на листата на нови терапевтски препарати против оваа болест. Најмалку, пак, неговата ефикасност е причина вакцините да бидат забранети. Европските и светски организации и понатаму укажуваат на големата ефикасност на вакцинацијата и водат кампањи за имунизација на населението, како единствен релевантен одговор засега за спречување на пандемијата и тешките и смртни последици од вирусот, пишува „Вистиномер“.