fbpx

Вистиномер: Децениски стар судски спор на фирмата „Бајер“ претставен како да е нов

-

Во оваа објава на Фејсбук се пропушта контекстот. Станува збор за случај стар неколку децении, а компанијата „Бајер“ во меѓувреме го има сменето лекот, така што не може да се тврди дека сега се заразуваат луѓето на начин на кој тоа се случувало во минатото. Од постот  не може да се  разбере дека се зборува за случај стар децении, туку се добива лажен впечатокот дека ова е нова, сегашна состојба, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој е споделено видео од исечок од емисијата Скарбороу Кантри, а во конкретната емисија се говори за тоа дека лек за хемофиличари контаминиран со ХИВ од страна на компанијата „Бајер“ бил транспортиран во земји надвор од САД и поради тоа дошло до нивно инфицирање со ХИВ.

Слушнете како Баер го заразува населението со СИДА, се вели во постот.

Иако објавената информација односно исечокот од емисијата е веродостоен, сепак се пропушта контекстот поради тоа што во постот што го рецензираме намерно или ненамерно е испуштено да се наведе дека овој скандал е децении стар, а исечокот од емисијата е емитуван барем пред 12 години. Дека станува збор за стар исечок од емисијата, покажува неговата оригинална објава на Јутјуб во 2010 година, пред 12 години. На начинот на кој што информацијата се споделува во постот, со реченична конструкција во сегашно време, се добива лажен впечаток дека станува збор за настан кој се случува во моментов. Сепак видеото е објавено во 2010 година како што може да се види на следниот линк каде тоа е објавено на Јутјуб.

Во описот на видеото е наведено дека станува збор за исечок од емисијата објавен во 2006 година.

За што всушност станува збор?

Скандалот во кој е вмешана фармацевтската фирма „Бајер“ е децении стар и потекнува уште пред 2006 година.

Оддел на фармацевтската фирма „Бајер“, продал милини долари вреден лек за хемофиличари кој носел висок ризик од трансмисија со СИДА во Азија и Латинска Америка во средината на осумдесеттите, додека на Запад продавл нов побезбеден производ,  пишува „Сидни Морнинг Хералд“ пред 19 години.

Одделот на „Бајер Катер Биолоџикал“, го претставил побезбедниот лек во февруари 1984 година, откако бројни докази почнале да се наталожуваат дека претходната верзија инфицирала хемофиличари со ХИВ.

Сепак, компанијата според „Сидни Морнинг Хералд“, продолжила да го продава стариот лек преку океанот, поради што е обвинета дека не престанала да го продава производот.

Со тоа што продолжил да ја продава старата верзија од животоспасувачкиот лек, „Катер“ се обидела да избегне финансиски импликации за производот кој веќе било тешко да се рекламира во САД и Европа. И откако „Бајер“ го претставиле новиот производ, сепак уште неколку месеци продолжиле да го произведуваат и стариот. Причината била во тоа што фирмата имала неколку договори со фиксна цена и верувала дека старата верзија на лекот ќе биде поефтина за производство. Во Хонг Конг и Тајван повеќе од 100 хемофиличари добиле ХИВ после користењето на стариот тлек на „Катер“. Многумина подоцна починале. Катер исто така продолжиле да го продаваат стариот производ после февруари 1984 година во Малезија, Сингапур, Индонезија, Јапонија и Аргентина, пишува во текстот на Сидни Морнинг Хералд.

Од „Бајер“ во својата изјава рекле дека „Катер“ се однесувала одоговорно, етички и хумано продавајќи го стариот лек, а дека причината за тоа било што некои корисници на лекот, се сомневале во ефективноста на новиот лек, а и зашто некои земји биле спори во издавањето одобрение за новиот лек.

Одлуките носени пред две децении се базираа на најдобрите научни информации во тоа време и беа конзистентни со регулативите кои тогаш важеа, се вели во изјавата на „Бајер“ објавена пред 19 години.

Лекот се вика Фактор 8, ја обезбедува состојката без која крвта на хемофиличарите не може да се згусти. Кога ќе го инјектираат лекот хеофиличарите може да го прекинат крварењето и некои го користеле и трипати дневно.

„Сидни Морнинг Хералд“ пред 19 години пишува дека во раните години на епидемијата на СИДА, овој лек усмртил луѓе. Лекот се добива од крвна плазма од 10 илјади или повеќе донори и бидејќи немало тогаш скрининг тест за СИДА, имало ризик да се пренесе болеста и дури и мал број на ХИВ позитивни можеле да контаминираат поголема количина од лекот. „Бајер“ и три други фирми кои го произвеле лекот платиле околу 600 милиони долари за да ги подмират тужбите и судските спорови кои траеле повеќе од 15 години.

Во 2003 година е покрената таква групна тужба.

Бајер биле обвинети дека дистрибуирале контаминирани производи во Азија и Латинска Америка во 1984 и 1985 година, иако ги тргнале тие производи од американскиот пазар поради тоа што не биле соодветно проверени за ХИВ .

Иако тогаш вистински тест за скрининг на вирусите не постоел, внимателен скрининг на донаторите можел да го минимизира ризиците, се вели во тужбата.

Во тужбата понатаму се  посочува дека компанијата купила крв и плазма од високоризични групи на луѓе како затвореници, корисници на дроги и промискуитетни лица. Се додава дека илјадници луѓе со хемофилија добиле ХИВ од овие контаминирани крвни продукти. До 1992 тие производи заразиле 5.000 хемофиличари во Европа со ХИВ од кои 2.000 развиле ХИВ. Во судскиот предмет се наведува дека 1.250 луѓе починале од болеста.

Во тужбата, исто така, се вели дека до средината на деведесеттите повеќето од четирите илјади лица во Јапонија кои имале СИДА, биле хемофиличари и дека многу од тие случаи биле поврзани со контаминирани производи од САД.

„Бајер“  посочува дека одлуките кои фирмата ги правела пред 20 години не би требало да се судат по истите стандарди на научни сознанија коишто се достапни сега.

Поради сите горенаведени факти постот што го рецензираме го оценуваме како пост во кој се пропушта контекстот. Станува збор за случај стар неколку децении, а компанијата „Бајер“ во меѓувреме го има сменето лекот, така што не може да се тврди дека сега се заразуваат луѓето на начин на кој тоа се случувало во минатото. Од постот  не може да се  рабере дека се зборува за случај стар децении, туку се добива лажен впечатокот дека ова е нова, сегашна состојба.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...