Вистиномер: Централниот одбор не го потврдува само исклучувањето на Димитриевски од СДСМ, туку расправа во негово присуство

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, на акција за чистење диви депонии. 7 мај 2021. Фото: Фејсбук-страница на Максим Димитриевски.

Максим Димитриевски најверојатно ќе биде исклучен од партијата. Но, постапката не е така едноставна како што ја прикажува лидерот Зоран Заев, пишува „Вистиномер“ во новата анализа.

Текстот го пренесуваме во целост:

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, даде изјава за постапката и причините за исклучување од членството на партијата на Максим Димитриевски, градоначалник од СДСМ, при што ја искажа следна изјава што ја оценуваме за полувистина:

Секако, тоа не е дали Заев така одлучил или централниот одбор или највисокото раководство. Статутот на СДСМ е таков, односно одлуките ги носат самите поединци, дали е Максим, дали е господинот Зоран Ногачевски од СДСМ, бил член на раководни структури на СДСМ и пошироко. Тие ја носат одлуката, знаејќи каков е статутот на партијата. Ние немаме што друго да додадеме. Обврска е само на првиот Централен одбор да ги констатираме одлуките кои тие ги донеле и дефинитивно така е опишана демократската процедура кај нас, а тие тоа го знаат

[Извор: Слободен Печат – Нема предвремена кампања…– датум: 03.09.2021]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Најавите за исклучување на Максим Димитриевски од членството во СДСМ, што веќе трет ден доаѓаат, дали од вицепремиерот Љупчо Николовски или премиерот Зоран Заев, говорат дека раководството на партијата е цврсто решено да ја спроведе ваквата намера во дело. И дотука нема ништо спорно. Во повеќето најави се наведува дека, всушност, Димитриевски сам се исклучува, бидејќи така наложува статутот на партијата. Притоа, премиерот додава дека таа одлука само треба да се констатира на Централниот одбор на СДСМ, всушност, дека Димитриевски, на пример, самиот си донел одлука да се исклучи, а ЦО треба само тоа да го констатира.

Ова тврдење е најмалку полувистина, зашто Статутот на СДСМ дава малку поинаква варијанта и посложена процедура.

Имено, во Членот 19 од Статутот се наведува дека одлуката за исклучување ја носат Извршниот одбор (ИО) на локалната организација на СДСМ или Централниот одбор (ЦО) на СДСМ. ЦО носи одлука кога станува збор за градоначалници членови на СДСМ.

…Во постапката за исклучување мора да се приложат докази (документи и изјави). Основ за донесување на одлуката е усната расправа.

На усната расправа задолжително се повикува членот против кого се води постапката за исклучување и тоа во сите степени на постапката. ИО и ЦО на СДСМ, пред кои се води постапката, дозволуваат присуство на член по барање на членот за кого се води постапката, кој би бил негова потпора во постапката…

Членот 20 од Статутот, пак, вели дека  одлуките треба да бидат во писмена форма со образложение и поука за жалба и дека во рок од 15 дена од денот на доставување на одлуката, членот има право на жалба до Надзорниот одбор на СДСМ.

Со одлука на Надзорниот одбор може да се потврди, да се преиначи или да се укине претходната одлука на ИО или на ЦО на СДСМ. Одлуката на Надзорниот одбор е конечна.

Според погоре изнесеното, ако претседателот на СДСМ се придржува до Статутот на партијата, тогаш не е вистина дека ЦО треба само да ја констатира „одлуката на Максим Димитриевски да се самоисклучи“, туку треба да расправа за „грешката“.

Значи, следи сложена постапка која има два степена, постапка во која Димитриевски треба да присуствува и ако сака може да донесе со себе уште еден член на партијата и постапка во која, ако Димитриевски се жали, треба да решава и Надзорниот одбор на партијата. Впрочем, горе-долу, тоа го вели и самиот Димитриевски во интервјуто за ТВ Сител на 02.09.2021.

Според тоа, изјавата на Заев дека ЦО само треба да потврди (одлука за исклучување на Димитриевски) е полувистина.