Пласираните тврдења не се поткрепени со никакви медицински докази и факти, туку се темелат на анонимни извори и наводи испратени по електронска пошта. Политифакт пишува дека клиничките испитувања со десетици илјади учесници не покажале никаква поврзаност помеѓу вакцините и невролошките нарушувања, пишува „Вистиномер“.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Пост на Фејсбук пласира информации дека сè поголем е бројот на невролошки заболувања кај луѓе кои примиле мРНК вакцина против коронавирус. Ваквите тврдења не се поткрепени со никакви медицински докази и факти, туку се темелат на анонимни извори и наводи испратени по електронска пошта. Наводите во постот не кореспондираат со реалноста.
НАЈГОЛЕМА ПРИКАЗНА НА ВЕКОТ НЕ Е РУСКАТА ИНВАЗИЈА НА УКРАИHA ТУКУ УНИШТУВАЊЕTO НА ЖИВОТИТЕ ПРЕД НАШИ ОЧИ❗
НEBРОЛОШКИТЕ ПОСЛЕДИЦИ CE ЗГОЛЕМУВААТ ПОСЛЕ мPHК BA* ЦИHИTE❗❗, се вели во постот што го анализираме.
Постот споделува и напис од веб сајтот „Коловрт“, познат по ширење дезинформации и теории на заговор поврзани со пандемијата. Написот е преземен од „Епох тајмс“, кој е екстремно десничарски меѓународен повеќејазичен весник и медиумска компанија поврзана со новото религиозно движење Фалун Гонг. Во 2020 година, Њујорк тајмс ја нарече оваа медиумска групација „машина за дезинформации од глобално ниво“.
Написот што го анализираме, на самиот почеток наведува дека „Епох тајмс“ објавил „експлозивен извештај“ во кој се наведува дека добиле мејлови кои наводно покажуваат дека американската Администрација за храна и лекови (ФДА) и Националниот институт за здрaвје (НИХ) тивко ги проучувале невролошките проблеми што се појавиле кај луѓето откако ја примиле вaкцината против кoвид-19.
Мејлови кои наводно покажуваат некакво проучување, не можат да бидат цврст медицински и научен доказ за тврдењето дека мРНК вакцините ги зголемиле невролошките заболувања кај луѓето.
ФДА додели овластување за итна употреба на две вакцини против коронавирус: една од Фајзер и една од Модерна. Клиничките испитувања со десетици илјади учесници не покажаа никаква поврзаност помеѓу вакцините и невролошките нарушувања, пишува Политфакт.
мРНК вакцините како што се „Фајзер“ и „Модерна“, не можат да ја модифицираат човечката ДНК, затоа што РНК не влегува во клеточното јадро, каде што е зачувана ДНК. Вакцините не можат да предизвикаат долгорочни последици кај луѓето затоа што РНК нема пристап до централното клеточно јадро. Ова значи дека таа нема контакт со нашиот генетски материјал и не може да се измеша со него. Откако ќе ја исполни својата цел, човечките клетки ја разградуваат РНК.
Понатаму, написот се повикува на податоци од системот ВАЕРС, според кои, „смртните случаи и повредите поради невролошки проблеми по инекциите на ковид-19 нагло се зголемиле, во споредба со истите несакани ефекти пријавени по сите вакцини одобрени од ФДА во последните 30 години“.
За да го одредиме бројот на невролошки повреди и смртни случаи што се случиле по вaкцината за KOBИД 19 и потоа да ги споредиме со историските податоци од претходните 30 години по сите други вaкцини одобрени од FDA, треба да спроведеме неколку VAERS пребарувања. Новинарот почна да ги бара сите симптоми во VAERS кои содржеа „невро“ по вaкцината KOBИД-19, што резултираше со 9.799 случаи од последното печатење на податоците во VAERS до пред неколку дена, кое трае до 11 февруари 2022 година. За споредба, за претходните 30+ години почнувајќи од 1990 година кога беше основан VAERS, користејќи го истото пребарување за секој симптом што содржи „невро“, добиени се 8.492 случаи за СИТЕ вакцини одобрени од FDA во последните 30 или повеќе години заедно, стои во написот.
Вистиномер досега во повеќе наврати пишуваше за тоа како функционира системот ВАЕРС и како антиваксерите ги злоупотребуваат неговите податоци со цел да наштетат на процесот на имунизација против ковид-19.
ВАЕРС е дел од националниот систем за следење на безбедноста на вакцините во САД, кој е раководен од Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) и Администрацијата за храна и лекови (ФДА), кои се грижат на федерално ниво за сите прашања поврзани со спроведување и контрола на здравствените политики и состојби во САД.
Извештаите што може да се видат во ВАЕРС се вистинити и точни, но антиваксерите никогаш не го спомнуваат Упатството за толкување на податоците што се објавуваат на ВАЕРС. Ова упатство е јасно назначено на првата страница на сајтот на ВАЕРС и во него уште на почетокот се наведува:
При проценка на податоците од ВАЕРС, важно е да се напомене дека за кој било пријавен настан, не е воспоставена никаква причина-последична врска. Извештаите за каква било врска помеѓу вакцините и несаканите дејства (можни несакани ефекти) се водат во ВАЕРС . Затоа, ВАЕРС собира податоци за каков било несакан настан по вакцинирањето, било да е тоа случајно или навистина предизвикано од вакцина. Извештајот за несакан настан до ВАЕРС не е документација дека вакцината го предизвикала настанот.
Во посебен дел од упатството се предупредува да се внимава кога се толкуваат податоците на следните ограничености на системот:
Извештаите на ВАЕРС можат доброволно да ги достават сите, вклучително и давателите на здравствени услуги, пациентите или членовите на семејството. Извештаите се разликуваат по квалитет и комплетност. Тие честопати немаат детали, а понекогаш може да имаат информации што содржат грешки.
Од сето ова можеме да заклучиме дека анонимни мејлови со наводни податоци за некакви тајни истражувања кои не се прикажани не можат да бидат поткрепа на тврдењето дека мРНК вакцините ги зголемиле невролошките заболувања кај луѓето. За да се поткрепи вакво едно тврдење, потребни се сериозни докази за спроведени медицински истражувања. Тоа не ни го нуди постот што го анализираме.
Понатаму, податоците од ВАЕРС системот не можат да се земаат здраво за готово и истите да бидат доказ за некакви медицински состојби кај луѓето, од кои може да се извлекува генерален заклучок од причина што секој може да пријави што сака во овој систем. Оттука, можеме да кажеме дека постот што го анализираме е невистинит.