Фото: commons.wikimedia.org

Да се извлече адренохром од живо човечко битие, би претставувало многу комплицирана процедура, со многу чекори за прочистување и операции. Наспроти таквиот начин на добивање, аденохромот е едноставна молекула која може да се синтетизира во лабораторија. Адренохромот е хемиско соединение со молекуларна формула C9H9NO3, кое се добива со оксидација на адреналин (епинефрин). Се користи како лек во форма на негови деривати за лекување на загубата на крв како хемостатик и повеќето продавачи потенцираат дека е синтетички. Може да се нарача на интернет од повеќе добавувачи, но само за истражувачки цели. Тврдењата дека има својства против стареење немаат никаква основа во реалноста и фактите, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој е споделена фотографија од вијала на која пишува „адренохром” и се дава следниот опис на фотографијата:

15.06.2022.
Адренохром.
Адренализирана крв од мало дете. Извлечена пред самата смрт. Претходно се доведуваат до силен страв. Од адренохром е невозможно да се симнете. Хероинот е мачкина кашлица.
Организмот престанува со производство на сопствена крв. Трајно. Затоа исчезнуваат 8 милиони деца годишно. 800 илјади само во САД. Клинтон фондацијата заедно со EWERGREEN транспортната фирма ги крадат и траспортираат децата. Подземја. Трамп им ги сруши сите тунели и бази во 2019-2021.

Теоријата на заговор за екстракција на адренохром од деца, е актуелна од поддржувачите на Кју движењето во САД години наназад. Никогаш со докази не е потврдено дека постои таква пракса. Според оваа теорија на заговор, адренохромот е супстанца која е еликсир на младоста и мора да се извлече од жив организам, а потоа жртвата да почине. Така, се тврди дека богати луѓе и елитисти ширум светот, киднапираат и мачат деца за да го земат адренохромот од нивните тела додека се живи, а потоа го конзумираат за да останат млади.

Но, адренохромот е хемиско соединение со молекуларна формула C9H9NO3, кое се добива со оксидација на адреналин (епинефрин). Се користи како лек во форма на негови дериват за лекување на загубата на крв како хемостатик. Тврдењата дека има својства против стареење немаат никаква основа во реалноста и фактите.

Како што потенцираат проверувачи на факти од Грција, адренохромот е достапен за истражувачите во синтетичка форма. Според нив, идејата дека супстанцата мора да се извлече од жив организам за да има својства против стареење, освен што нема научна основа, се базира на филмот „Страв и омраза во Лас Вегас”, во кој еден од протагонистите продава адренохром и вели дека за да има ефект адренохромот мора да се извади од жив човек.

Сепак, освен во филмовите и во книгите, нема научни поткрепи за тоа дека адренохромот е еликсир на младоста. Ниту една научна студија, клиничко испитување или официјална здравствена агенција не го поврзува аденохромот со подмладувањето.

Кју теоретичарите на заговор, одат дотаму што велат дека либералната елита и холивудските ѕвезди конзумираат аденохром за да останат млади, повторно пласирајќи дезинформација без основа.

Според теоријата, владин агент таканаречен Кју, е извор на нови и нови информации за длабоката држава и нејзините тајни, како наводното постоење на мрежа која пие крв од деца.

Хемиската структура на адреналинот во лабораторија покажува дека може да биде оксидиран во состојка која се вика адренохром, каде хром е изведен збор од грчкиот јазик што значи боја. Адренохромот има темно виолетова боја.

Во 2016 година, дополнително се појави и теоријата на заговор, според која Хилари Клинтон и други луѓе од елитата во Холивуд, наводно имаат ланец за трговија со деца.

Ова беше дебанкирано повеќепати, но дезинформацијата продолжува да циркулира на интернет, вклучително и во постот кој го рецензираме.

Иако адренохромот не е измислен, туку е состојка која што се добива со оксидација на адреналин, сепак не е точно дека деца се киднапирани за да се добие оваа состојка од нивната крв. Адренохром нашироко се употребува за да се намали загубата на крв кај отворени рани и повеќето продавачи потенцираат дека е синтетички.

Може да се нарача на интернет од повеќе добавувачи, но само за истражувачки цели, на пример овде.

Американската агенција за патенти, одобри патент на Дерик Ф Бут од Минесота Мајнинг компанијата, за процесот на синтетизирање адренохром. Тоа е друг пример за фирма што се занимава со оваа работа, иако во теориите на заговор кои циркулираат за аденохромот на интернет се тврди лажно дека состојката е толку ретка и таинствена и единствениот начин да се добие е од деца кои починале.

Санта Круз Биотехнолоџи, фирма во Калифорнија, продава синтетички адренохром за 55 долари за 25 милиграми.

Сите продажби се за лаборатории кои имаат сертификати да ја купуваат оваа хемиска состојка. Како што пишуваат странски проверувачи на факти, да се извлече аденохром од живо човечко битие, би претставувало многу комплицирана процедура, со многу чекори за прочистување и операции.

Наспроти таквиот начин на добивање, аденохромот е едноставна молекула која може да се синтетизира во лабораторија.

Да се зема од живи луѓе не е логично, бидејќи жлездата на детето би можела да даде само половина милиграм, дури и кога би постоел процес за прочистување, вели доктор Мителман од УКЛА за „Лид сторис“.

Во постот што го рецензираме, се тврди и дека фондацијата Клинтон ги крадат децата и ги транспортираат, но за ова нема никакви докази. Доколку Клинтонови биле поврзани со вакво грозоморно дело, тие одамна би биле зад решетки, што се разбира не се има случено. Во постот се споделува и дезинформација дека Доналд Трамп срушил некакви тунели и бази каде наводно биле транспортирани децата, меѓутоа за ова нема никаква поткрепа, ниту пак, може да се најде таква информација во медиумите. Трамп самиот се нема пофалено и јавно нема истапено на темата.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека аденохром бил извлечен од дете пред тоа да почине и дека поради тоа се киднапираат деца. Состојката може да се купи на интернет од добавувачи за истражувачки цели и нема докази дека таа е еликсир на младоста.