Во ситуација кога новинарите се едни од работниците кои се наоѓаат на фронтот во борбата со пандемијата на вирусот COVID-19, ширењето лажни вести во ова време на криза се смета како еден од најголемите проблеми за јавната благосостојба.

На почетокот од месец март, кога повеќето земји на Балканот веќе имаа случаи на заразени со корона вирус, такви случаи немаше пријавени во Косово. Во медиумите пак веќе беше започнато ширењето на непотврдени вести за инфицирани.

„Се регистрира првиот случај на инфекција со корона вирус во Косово“, беше насловот на веста што беше објавена од неколку медиуми на 11 март.

Оваа вест беше демантирана во текот на истиот ден од страна на одговорните институции, додека некои од медиумите кои ја објавиле таа вест истата подоцна ја отстраниле.

А првите потврдени случаи со вирусот се појавија два дена потоа, на 13 март.

Кризните времиња како оваа со вирусот се покажаа како огледало на медиумската сцена и на потребата од масовна медиумска едукација.

Медиумската едукација како целина и борбата против лажните вести како специфична област сега веќе неколку години се наоѓа во агендата на единствената високообразовна институција за новинарство во Косово.

Овој вид на едукација за неопходно во ова време го смета и Мухамет Јахири, доцент на отсекот за новинарство при приштинскиот универзитет „Хасан Приштина“.

Мухамед Јахири, доцент на Универзитетот „Хасан Приштина“

– Денес, задолжително и итно е во образовниот систем на земјата да имаме распространета настава за медиумска едукација, со која ќе им се помогне на младите да знаат како да ги користат медиумите и социјалните мрежи во нивна корист. Денешните проблеми особено кај новите поколенија се како резултат на погрешното користење на новите медиумски мрежи и ова е очигледно дека влијае во формирањето на нивната индивидуа, нивните однесувања и резултатите во учење – вели тој.

Според Јахири, оваа програма го нуди предметот медиумска едукација, но на истата постојано се работи за дополнување на студиите со последните новини од областа што се менуваат заедно со технолошката еволуција.

– Актуелната програма е акредитирана во 2014 година, а програмата која е во процес на акредитација и се очекува да започне од октомври оваа година, е многу покомплетна во однос на предизвиците на новинарството и комуникацијата, во денешното време – вели Јахири.

Меѓутоа, едуцирањето на студентите по новинарство за лажните вести и модерните предизвици во новинарството, според Јахири не е единствената мисија на овој отсек.

Тој истакна дека повеќе од 10 години се обидувале предметот медиумска едукација да го вметнат како училишен предмет во школите.

– Меѓу другото, како Оддел, давајќи го својот придонес во овој правец, во подршка на СОНК започнавме масивен циклус на обучување на наставници во областа на медиумската едукација, преку која, тие ќе работат со учениците во оваа насока, со одредени лекции, но и да им помогнат на учениците во развивање на критичкото размислување – додаде професорот.

Студентското списание за медиумска едукација со меѓународно признание

На 20 февруари оваа година, неколку студенти по новинарство го објавија списанието насловено „Интро“, специјализирано за медиумска едукација.

Во март, ова списание стана дел од големата платформа на Југоисточна Европа за медиумска едукација и информација “CIMU SEE”.

Според асистентката Гентиана Пачаризи која одблизу работеше со студентите, при подготовката на списанието, прашањето на лажните вести добило посебно место и во ова списание.

Гентиана Пачаризи, асистентка на отсекот за новинарство при Универзитетот во Приштина и консултант за Медиумска едукација и Информации (МЕИ)

– Нема да претерам кога велам дезинформацијата беше во фокусот на целокупното списание. Бидејќи сите третирани теми се тесно поврзани со нарушувањето на информацијата, можам да кажам дека сите обработени теми во списанието и служеле на борбата со овој феномен – посочи таа.

Сепак, таа смета дека обидот да се обезбеди критички пристап кон информацијата во целина и медиумската едукација е процес.

– Дезинформацијата не е нов феномен ниту главниот проблем. Појавата на информативното нарушување е резултат на недостатокот од критички вештини, затоа е потребно да се работи со суштината, која оди подлабоко од едноставно проследување на некои технички способности кај граѓаните за препознавање на дезинформации како извор на информација, доменот, авторот, итн. – вели Пачаризи.

Таа истакнува дека медиумите не треба да се сметаат како единствен извор на дезинформирање, бидејќи тоа води кон создавање непријателски став на јавноста наспроти медиумите.

Реита Деми, студентка во трета година на отсекот за новинарство напишала колумна во студентското списание за пристапот создаден од корисниците на медиумите и информациите, како последица на ‘преоптоварувањето со информации’ на кое му дава можност технолошкиот развој.

Реита Деми, студентка на отсекот за новинарство при Универзитетот во Приштина

– Целта на заштитничкиот пристап е корисникот да создаде одбранбен став наспроти медиумските содржини… и да ги смета медиумите како ‘непријателски’. Додека пристапот на зајакнување го охрабрува медиумскиот потрошувач, да ги користи медиумите, да ги анализира, да чита што повеќе извори поврзани со една информација – објаснува студентката.

Таа ги повикала и медиумите да ја одиграат нивната улога во едукација на населението за појавата на дезинформациите.

– Улогата на медиумот пред сé е едукација на граѓаните, и должност на медиумот е да ѝ сервира на јавноста професионална и етичка содржина. Доколку медиумите продолжат да го едуцираат населението околу појавите на дезинформирање, тогаш и самата јавност ќе реагира против лажните содржини, преку нивно игнорирање/несподелување – вели таа.

Освен потребата за длабинска студија за медиумската едукација за студентите од областа на новинарството, овие студенти и академскиот персонал сметаат дека оваа гранка и студентите треба да ја преземат улогата на амбасадор во подигнување на свеста за медиумската едукација во потесниот и поширокиот општествен круг.

Автор: Дорунтина Балиу