Средно ниво на загадување со ПМ2,5-честички утрово во 8 часот е регистрирано на мерните станици во Центар и во Карпош, кои се единствените две мерни станици во земјава што го мерат овој загадувач. Според податоците од веб-страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање, мерната станица во Центар регистрирала околу 75 микрограми ПМ2,5-честички на еден кубен метар воздух, со тенденција за пораст, а таа во Карпош измерила околу 120 микрограми, со тенденција на пад.
Што се однесува до, исто така, опасните ПМ10-честички, најлоша во 8 часот била состојбата во Лисиче, каде имало околу 200 микрограми на еден кубен метар воздух, односно четирипати повеќе од максимално дозволеното. Мерната станица во Гази Баба, пак, покажала малку помалку од 200 микрограми, а кај Ректорат се измерени 175 микрограми ПМ10-честички на еден кубен метар воздух.
Во Куманово се измерени околу 110 микрограми, a во Тетово 180 микрограми.
Утрово концентрациите на загадувачките честички се најмалку десеткратно помали отколку вчера, што во голема мера се должи на дождот.