fbpx

Високите цени на вештачките ѓубрива најмногу влијаат на цените на храната

-

Иако обемот на трговска размена на Северна Македонија со Русија и Украина не е голем, сепак, војната во Украина и неизвесноста веќе влијаат врз земјоделското производство кај нас.

Меѓународниот монетарен фонд сопшти дека цените на енергијата, житарките и металите пораснаа по инвазијата врз Украина, сигнализирајќи дека инфлацијата забрзува. Од друга страна, земјоделското производство е зависно и од увозот на вештачките ѓубрива од Русија чија што цена е зголемена повеќекратно.

Директорката на Рурална коалиција Лилјана Јоноски вели оти според нивните информации, ѓубривата се речиси три пати поскапи во однос на почетокот на годината.

„Ако за еден хектар во просек се потребни 5 вреќи на ѓубриво сега со овие цени голем број од земјоделците ќе набават една вреќа или две наместо потребните 5 или пак целосно ќе се преориентираат на шталското ѓубриво“, вели Јоноски.

Според неа, цените на храната во вакви услови неизбежно ќе растат.

“Веќе сме сведоци на покачувањето на цените на производите од увоз, но тоа апсолутно ќе се случи и со домашното производство со оглед на тоа што целокупното поскапување на репроматеријалите, семенските материјали, трошоците за одржување на земјоделските посеви, нафтените деривати, струјата ќе значи и поскапување на земјоделските производи и на храната воопшто“, појасни Јоноски.

Директорката на Рурална коалиција смета дека колкави и какви ќе бидат штетите или проблемите во светот со снабдувањето со храна зависи колку ќе трае и кога ќе заврши војната.

„Сè уште не сме се опоравиле од ковид кризата, а ни следуваат навистина тешки и скапи денови за обезбедување на најосновните прехранбени продукти“, рече Јоноски.

Според светските аналитичари, замена за увозот на вештачки ѓубрива од друга земја освен Русија и Украина речиси и да нема, па губењето на извозот од Русија ќе биде навистина голем шок за сите, а Бразил веќе ги чувствува последиците во земјоделскиот сектор поради недоволниот увоз на ѓубрива заради војната.

Дел од ѓубривата кај нас се набавуваат од Србија, Бугарија, Грција меѓутоа тоа се далеку помали количини. Воедно, земјите започнуваат да го чуваат ѓубривото за свои потреби поради скапиот увоз од Русија.

Извори од Владата за Мета потврдуваат дека најголемо влијание врз инфлацијата ќе имаат токму цените на вештачките ѓубрива. Оттаму додаваат дека овие инфлаторни притисоци ќе се чувствуваат на светско ниво, не само как нас.

Инаку, Владата неодамна ја усвои Програмата за интервентен фонд во земјоделството со кој се предвидени 120 милиони денари или околу 2 милиони евра за субвенционирање на трошоците за ѓубрива.

Поради регистрираниот пораст на цените на вештачките ѓубрива земјоделците ќе добијат поддршка од 2.500 денари по хектар за направен трошок за набавени вештачки ѓубриња и тоа во количина најмалку од 200 килограми по хектар.

Но, земјоделките сметаат дека оваа мерка нема драстично да го намали поскапувањето затоа што се опфатени само 2 култури, а пролетната сеидба и садење на сите останати земјоделски култури допрва започнува.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да го остварат 2.147 гласачи. Сите гласачки места во казнено поправните установи се отворени утрово во 7...