Околу 300 вработени во Министерството за одбрана (МО) ќе заминат од оваа институција, најголемиот дел во пензија. Истовремено, се подготвува решение за продолжување на кариерата на војниците по навршување на 45 години старост. Тие, заедно со цел еден сектор од Министерството, веројатно ќе станат дел од нова државна агенција која, во рамки на плановите за ослободување од несуштински дејности ќе се грижи за „угостителски услуги и сместување, одржување на хигиена и на инфраструктурата, дел од логистички активности и заштита на дел од воените објекти“, предвидени во Стратегискиот одбранбен преглед.
Промените на бројот на вработени следат по функционална анализа на работна група која утврдила превработеност во некои сектори, а непополнетост на работни места во други.
„Преклопувања на дел од функциите во рамките на МО и помеѓу МО и ГШ на АРМ. Постои превработеност во одредени сектори, додека други се непополнети. Дел од МО располага со персонал кој ги надминува потребите за извршување на обврските, а е резултат на експанзијата на вработување во изминатите години за што и немаше особена потреба“, се вели во прегледот
Според анализата, „бројот на персоналот (во Министерството) ќе се намали од преку 1000 на 650-700 вработени“. Најавите се дека новата бројна состојба, со природен старосен одлив и со префрлување во други институции, како новата агенција, ќе се постигне во следните две години.
„Бројот на државни советници ќе се намали од 16 на 6. Лицата кои ќе ги пополнат овие позиции ќе преземат и координативна улога за група на сектори и одделенија во МО и ќе го обезбедат средното ниво на менаџирање, кое во овој момент недостасува.“
За да се изведе безболно намалување на персоналот, Министерството подготвува измени на законите за одбрана и за служба во АРМ, а можни се и измени на други закони и подзаконски акти.
„Со дополнителни студии ќе се разгледа делокругот на работа и опстојувањето на 34 подрачни единици на МО, како и можностите за понатамошно дивестирање на несуштинските дејности кои во моментов ги обезбедува одбраната (угостителски услуги и сместување, одржување на хигиена и на инфраструктурата, дел од логистички активности и заштита на дел од воените објекти)… Ќе ги разгледаме можностите за дополнително дивестирање на несуштински дејности, вклучувајќи го и физичкото обезбедување“, е наведено во Стратегискиот одбранбен преглед.
Целта е да се намалат трошоците и да се зголеми функционалноста на Министерството, а истовремено да се најде решение за вработување на војниците кои ќе ја достигнат законската старосна граница и за продолжување на договорите за работа.
Нив, заедно со функциите на сегашниот Сектор за услуги и туризам, возен парк и одржување, ќе ги преземе нова државна агенција, која ќе ѝ пружа услуги на војската. Ваквата агенција ја најави и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, одговарајќи на иницијативата обезбедувањето на воените објекти да го преземат агенции за обезбедување.