fbpx

Виша советничка во Стејт департмент даде оставка бидејќи се фалсификувал извештај за Израел

Во извештајот пишува дека Израел не го попречувал протокот на американска хуманитарна помош во Израел и покрај тоа што експертите, меѓу која е и советничката Стејси Гилберт, едногласно тврделе дека не е така

-

Стејси Гилберт, виша советничка во Стејт департментот во САД, поднесе оставка во вторник. Таа тврди дека бил фалсификуван извештај за Израел, пренесува Гардијан.

Во извештајот стои дека Израел не е одговорен за блокирањето на протокот на американската хуманитарна помош во Газа. Според Гилберт, овој заклучок оди против мислењето на хуманитарните организации и експертите, меѓу кои била и таа, кои биле консултирани во изработката на извештајот.

Станува збор за извештај кој излезе на почетокот на месецот, кој се однесуваше на употребата на американски оружја од израелските сили. Во него стои дека „разумно е да се заклучи“ дека оружјето што САД му го дало на Израел било користено на начин што е „неконзистентен“ со меѓународните човекови права, но дека нема доволно докази за да се поврзат оружја од САД со конкретни прекршоци од Израел.

Дополнително, според извештајот, кој бил доставен до американскиот конгрес, „Стејт департментот во моментов не оцени дека израелската влада го забранува или на друг начин го ограничува транспортот или испораката на американска хуманитарна помош во Газа“.

Оваа точка е од особена важност бидејќи според американскиот Закон за странска помош, доколку некоја држава блокира хуманитарна помош, САД би биле обврзани да прекинат со продажба на оружја на таа држава, како и да прекинат со безбедносна помош.

Гилберт, која повеќе од 20 години работела во Стејт департментот како советник при разни воени конфликти, тврди дека овој заклучок во извештајот се косел со усогласениот став на експертите кои биле консултирани.

Иако експертите кои биле консултирани рекле дека имало и други фактори кои го спречувале протокот на хуманитарна помош во Газа – како намаленото ниво на безбедност поради Хамас, израелските воени операции и кражбите од очајни гладни Палестинци – се согласиле дека Израел учествувал во блокирањето на хуманитарна помош во Газа.

„Има едногласност во хуманитарната заедница. – не само експертите од Стејт департментот, експерти од разузнавачката заедница и од други бироа во САД се согласуваат. Би било тешко да најдете некој кој би рекол дека израелското блокирање на хуманитарна помош не е проблем. Затоа се противам на тој извештај во кој се вели дека Израел не ја блокира хуманитарната помош. Тоа е несомнено неточно“, вели Гилберт.

Таа вели дека директно работела на извештајот, но дека бил завршен без хуманитарните експерти кои биле консултирани. Гилберт дознала што пишува во него кога бил објавен; ги испечатила деловите од извештајот за израелското (не)блокирање на хуманитарна помош и ги препрочитувала на глас, во неверување.

Гилберт е вториот државен службеник во САД кој во изминатата недела има поднесено оставка поради поплитките околу Газа на администрацијата на Бајден. Александер Смит, кој бил работел за УСАИД, поднесе оставка во понеделник, тврдејќи дека му било дадено избор меѓу отпуштање или оставка откако подготвил презентација за смртноста на мајки и деца во Газа.

„Не можам да ја работам својата работа во средина во која одредени луѓе не се признаваат како целосни човечки битија, каде човековите права важат за некои, но не и за други, во зависност од нивната раса“, напиша Смит.

Со оставките на Смит и Гилберт, бројот на државни службеници кои поднеле оставка поради американските политиките во Газа се качи до девет. Според Џош Пол, првиот функционер кој поднесе оставка, уште најмалку дваесетина други функционери си заминале тивко, без јавна изјава.

Стејт департментот не одговорил на прашањата на Гардијан за оставката на Гилберт, додека претставници од УСАИД му рекле на Гардијан дека не можат да коментираат на конкретни детали за оставката на Смит.

Гладот во Газа се шири, а хуманитарна помош има сè помалку. Привременото пристаниште изградено од САД на крајбрежјето на Газа, со цел да внесува хуманитарна помош во регионот, се распадна и не е функционално. Истовремено, 900.000 лица, кои веќе биле раселени, беа принудени да го напуштат градот Рафах изминатиот месец, откако израелските сили влегоа во градот со тенкови, и покрај сите предупредувања од меѓународни лидери и организации, како и од Меѓународниот суд за правда во Хаг.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Жена од кочанско Оризари пронајдена удавена во канал за наводнување

Осумдесет и деветгодишна жена од селото Оризари, Кочанско, утрово била пронајдена удавена во канал за наводнување во близина на селото, информираше Министерството за внатрешни работи (МВР). Удавената жена ја пронашол...