Од идната година се очекува да станат задолжителни пневмококната и „рота“ вакцината. Бактеријата „стрептококус пнеумоние“ предизвикува неколку заболувања особено кај малите деца – инфекции на увото, синусите, воспаление на белите дробови, но и тешки компликации како воспаление на мозочните обвивки (менингитис), вели Александра Грозданова професорка на Фармацевтскиот факултет и претседателка на Националниот комитет за имунизација.

– Децата до двегодишна возраст и новороденчињата се од особен ризик за појава на овие заболувања. Често оваа инфекција се јавува кај децата кои одат во градинки, како и деца со намален имунитет. Пневмококната вакцина е во редовен календар за имунизација во многу држави во светот, вклучувајќи државите од западна Европа, но и Словенија, Бугарија и Србија – вели Грозданова.

Календарот за имунизација ќе се осовремени и во однос на „Ди-те-пер“ (ДТП) вакцината (дифтерија, тетанус и пертусис). Според стариот календар на седумгодишна возраст се даваше „Ди-те адултна“ вакцина (дифтерија и тетанус) вакцина и „орална полио вакцина“ (ОПВ) .

– Со новиот календар на шестгодишна возраст наместо овие вакцини, ќе се дава ДТП- ИПВ (комбинација на вакцина против дифтерија, тетанус и пертусис со инактивна полио вакцина). На овој начин се вклучува ацелуларна вакцина против пертусис (која не дава несакани реакции, на место на укинатата ДТП на четиригодишна возраст) и инактивна полио вакцина на место на орална полио вакцина, според препораката на СЗО- орална полио да премине во инактивна полио. Според стариот календар на 14 годишна возраст се даваше ДТ вакцина (дифтерија и тетанус) и орална полио вакцина. Со новиот календар на 14 годишна возраст ќе се дава ДТ- ИПВ (комбинирана вакцина дифтерија, тетанус и инактивна полио вакцина) и се заменува оралната полио со инактивна полио вакцина – вели Грозданова.

Инаку, вирусот „рота“ предизвикува проблем кај децата до две години со изразена дијареа и други компликации.

„Рота“ вирусите се причинители за околу 25 отсто од заболувањата со дијареи кај децата до петгодишна возраст.