Видеото во објавата прикажува девојчиња во школски двор заедно со нивната наставничка, во еден момент едно од девојчињата го исплазува јазикот, а потоа покажува и среден прст кон камерата. Текстот во видеото и музиката се на македонски јазик што алудира дека тоа е снимено во С. Македонија, што не е вистина. Вакви униформи немаат децата во нашите училишта. Пребарувајќи ги униформите на децата може да се забележи дека слични вакви униформи носат децата во поранешниот Советски Сојуз. Ова видео може да се забележи во сатирични верзии споделени минатата година во објави на бугарски и на романски јазик, пишува „Вистиномер“.
На Фејсбук објава споделено е видео коешто ги манипулира корисниците на социјалната мрежа да донесат погрешен заклучок. Текстот на објавата, текстот во видеото и музиката се на македонски јазик што доведува до заклучок дека е снимено во Македонија што не е вистина.
Родителите на првачињата беа преузбудени, ама на децата не им било б’ш забавно :))))
Првиот училишен ден после летниот распуст, за многу деца и нивните родители беше возбудлива можност да споделат интересни фотографии и видеа особено од првачињата. Во морето на такви објави, едно видео привлече особено внимание и стана многу вирално.
Фејсбук страницата Паланечки далавери, сподели видео на коешто се гледаат неколку девојчиња, облечени во школски униформи кои се наоѓаат во школски двор заедно со нивната наставничка. На краткото видео е прикажано и едно девојче кое ја држи наставничката за рака. Видеото потоа зумира на тоа девојче кое во одреден момент го исплазува јазикот, а потоа покажува и среден прст кон камерата.
Ова кратко видео е споделено на македонска Фејсбук страница со македонски текст на објавата. Притоа и внатре во самото видео на македонски јазик пишува: „Првиот училишен ден, гордост на сите нас“. Во позадина на видеото се слуша македонска песна со текст „Брзај брзај прваче, гордо и без страв. Прваче сум сега, пејам на цел глас, чекајте ме дечиња, одиме на час“.
Откако видеото ќе се погледне вака, без да има соодветен контекст и да се каже зошто е споделено и каде снимено, ќе се добие впечаток дека станува збор за прваче во Македонија и дека видеото е снимено во некое македонско школо. Но ова не е вистина. Ова видео не е снимено во Македонија.
Стотиците коментари на оваа објава (705 во моментот на рецензирање) покажуваат дека корисниците на Фејсбук биле измамени да поверуваат дека ова се случило во Македонија.
Но вистината е дека ова видео не е снимено кај нас. Првото нешто по што може да се забележи дека видеото не е можно да било снимено кај нас, се школските униформи што ги носат девојчињата во видеото. Вакви униформи немаат децата во нашите училишта. Пребарувајќи ги униформите на децата може да се забележи дека слични вакви униформи носат децата во земјите на поранешниот Советски Сојуз, како, на пример, во Казакстан.
Ова видео, во сатирични верзии може да се забележи и со објави на бугарски јазик споделено минатата година, како и на романски јазик.
Исто така, на видеото се забележува жена којашто поминува и носи шопинг кеса во рацете. На кесата го пишува брендот Baldi чии продавници има во Ерменија, Грузија, Русија и Обединетите Арапски Емирати, но нема во С. Македонија.
Објавата со видеото постигнала голема видливост за многу кратко време со над 2,2 милиони прегледи, над 10.000 реакции и повеќе од 700 коментари на кои се развиваат разни дебати за однесувањето на девојчето. Инаку, ова исто видео е објавено и на друга Фејсбук страница, исто така со текст и песна на македонски јазик.
Оттука, може да констатираме дека на видеото споделено на Фејсбук, всушност, е невистинито. Преку текстот на објавата и текстот во видеото, како и прикачената песна, коишто се на македонски јазик, ги измамува корисниците на социјалните мрежи да поверуваат дека било снимано во С. Македонија, што не е вистина.