Ако Иран можеше да произведува разорни ракети со брзината со која создава жестоки мемиња, Централната команда на САД досега ќе излезеше со кренати раце. Еден од поинтересните и неочекувани аспекти на војната меѓу Иран и САД е тоа што Иран, земја позната по доминацијата на конзервативни верски лидери чувствителни на западната култура и медиуми, доминира во војната на социјалните мрежи. Ги мобилизира своите Gen Z „технолошки воини“ за да ја ангажираат западната публика со сарказам и потсмев кон администрацијата на Трамп, пишува „Гардијан“.

Доналд Трамп, пак, кој сега има рејтинг на популарност сличен на оној за време на импичментот на Ричард Никсон, не престанува да прави грешки. Тој беше принуден да избрише катастрофална објава на „Трут Соушл“ во која се спореди себеси со Месијата и дозволи да биде доведен во позиција да преземе одговорност за замрзнувањето на глобалната трговија.

„Настапот на Иран на социјалните мрежи, од профилите на амбасадите до спикерот на парламентот, Мохамад Калибаф, е уште поизненадувачки ако се земе предвид дека повеќето Иранци се бесни поради повеќе од четири недели дигитален мрак, најдолгото интернет-исклучување предизвикано од владата во светот. Некогаш живата и динамична преса е сведена на пренесување изјави од воени портпароли или преземање текстови од западните медиуми кои тврдат дека Трамп трпи стратешки пораз. Некои од најдобрите ирански весници се затворени, а обичните граѓани сè уште се жалат на неподносливата пропагандна содржина на официјалните ТВ вести“, пишува „Гардијан“.

Но, како што се додава, од оваа темнина се раѓа креативност насочена кон Западот. Провладините профили објавуваат AI-генерирани Lego анимации што ги поврзуваат случаите на Џефри Епстин со војната на Трамп или, пак, користат хумор и самодоверба за да ги разобличат слабостите на Западот.