Винил хлоридот од ОХИС сè уште чека да биде преточен во безбедни буриња

Околу 14 тони винил хлорид ќе мора да чека во дворот на ОХИС сè додека не дојдат експерти од фирмата „Куриум“ од Франција, за да биде безбедно преточен во нови буриња и транспортиран на уништување. Од компанијата „Екоцентар 97“, која е задолжена за чистење на 11 хемикалии од ОХИС, во рамките на проектот „Отстранување, дислоцирање, уништување или неутрализирање на хемиски материи“ од АД ОХИС, велат дека се работи за опасна и високозапалива хемикалија со која мора внимателно да се ракува.

Од компанијата велат дека немаат избор освен да чекаат да заврши кризата со пандемијата на ковид-19 и да се реализира посетата на експертите од француската фирма за да се доврши транспортот на токсичните материи. Препакувањето на винил хлоридот во специјални буриња под притисок, беше планирано за почетокот на март, а транспортот во инсенераторот во Германија требаше да се реализира кон средината на тој месец. Затворањето на границите заради ширењето на корона вирусот ги одложи сите активности, вклучувајќи ја и посетата на инженерите од Франција и Италија кои требаше да дојдат во ОХИС и да дадат конечна дозвола за опремата и за безбедниот транспорт на опасната хемикалија.

„За преточување на винил хлоридот мора да се чекаат експертите од француската компанија. Постојат многу малку фирми кои што имаат искуство со ваков вид на опасен отпад и поради тоа не може лесно да се најде замена. Не е можно да се реализира проектот пред нормализирање на ситуацијата, бидејќи кај нас нема експерти кои што имаат искуство со ваков тип на постапки“, информираат од „Екоцентар 97“.

Компанијата „Куриум“ има долгогодишно искуство со третман и преточување на опасни хемикалии и има решение за препакување на винил хлоридот мономер кој е историски отпад, последица од работењето на ОХИС. По препорака на експертите, компанијата „Екоцентар 97“ набави посебни садови под притисок специјализирани за опасен отпад и соодветни за меѓународен транспорт, во кои ќе се преточи и транспортира винил хлоридот до крајната дестинација – инсенераторот во Германија, со кој веќе е потпишан договор за третирање.

Винил хлорид мономер е само една од десетиците токсични материи од ОХИС, кои со децении го загрозуваат здравјето на скопјани бидејќи стојат несоодветно чувани. Во рамките на проектот од минатата година до март годинава транспортирани се речиси 64 тони опасни хемикалии, во кои има метанол, акрилонитрил мономер и непознати хемикалии. На 15 март требаше да се реализира и последната пратка во „Валорек Сервисис“ инсенераторот во Базел, Швајцарија со остатокот од 4,6 тони иницијатори и 5,2 тони непознати хемикалии, кои веќе се спакувани во специјални АДР-буриња и се чуваат во магацините на ОХИС.

Во април минатата година беа санирани и 81 боца и еден контејнер под притисок со хлор во специјализирана компанија во Србија, каде што хлорот беше извлечен од садовите со процес на дегазација и соодветно третиран. ОХИС, и по завршувањето на проектот за извоз на 11 хемикалии останува еколошка жешка точка, сè додека не се заврши чистењето и на четирите депонии на линдан.