Високи количества на опасни хемикалии, меѓу кои винил хлорид и жива и ден денес небезбедно се депонирани на простор на некогашната фабрика ОХИС, а нашите предупредувања до надлежните државни органи, како и до Општина Кисела Вода, никој не ги слуша. Ова на присутните на средбата со граѓаните, советниците на Општината и градоначалникот Филип Темелковски, како и пред стечајниот управник на фабриката, Маринко Саздовски и претставниците на фирмата „Еко Центар 97“ и надлежните инспекции им го соопштија поранешни вработени во некогашната хемиски гигант.

„Како мислите да го извадите опасниот винил хлорид, кој е 35 тони високо-експлозивна супстанца, кога шините на кои треба да се транспортира тој се извадени, а цистерната ја оставивте“, праша Здравко Боневски, еден од стечајните работници на ОХИС. Супстанцата е толку опасна, рече тој, што според меѓународни стандарди таа мора да се транспортира во специјални вагон-цистерни со одредена дебелина, а не со цистерна–камион.

„Винил хлоридот морал да биде преточен уште во 2012 година поради опасноста да експлодира. Доколку не се преточува на секои три до четири години, хемикалијата станува нестабилна. Јачината на експлозијата би била еквивалент на 100-тонски експлозив“, рече Боневски, кој бил главен за одржување во фабриката сè до нејзино одење во стечај.

Да не ги плашат медиумите и граѓаните, побара од присутните стечајци на ОХИС Владо Момировски, директор на „Еко центар 97“, компанијата која го доби тендерот за чистење на хемикалиите од кругот на фабриката. Момировски рече дека и тие се однесуваат кон опасниот винил хлорид со потребното внимание.

„Затоа и толку се оддолжи решавањето на проблемот со винил хлоридот, бидејќи бараме солидна компанија која би се нафатила безбедно да го дислоцира“, рече тој и наведе дека во преговори се со четири странски компании бидејќи и самиот процес на преточување морало да се изведе во посебни услови.

Сепак, Момировски призна дека и тие не се сигурни во каква состојба моментално се наоѓа винил хлоридот, дали во течна, гасовита или кашеста и затоа за ракување со неа ќе биде задолжена специјализирана компанија од Франција и дека транспортот веројатно ќе започне за два месеца. Тој додаде дека проблем би можеле да претставуваат и транзитните дозволи.

„Уште во 2009 година Чесите направија студија која покажа дека живата ја има во високи концентрации во кругот на фабриката, а не е исклучена можноста таа да понирала во земјата и во подземните води. Знаеме дека живина технологија се користеше во објектот за електролиза и постои можност да ја има во земјата под целиот овој објект. Анализите покажаа дека живата мигрирала во подлабоките слоеви на почвата, т.е. подлабоко од 20 метри, но и надвор од погонот. Студија покажа дека постои опасност да биде зафатено земјиштето сè до кејот на Вардар, а дека земјата е загадена и непогодна за земјоделски култури“, изјави Ефтим Мајсторовски, пензиониран работник на ОХИС.

„Хемикалиите од ОХИС не се отпад, тие имаат вредност на пазарот и некој од нив добро ќе заработи. Од Министерството за животна средина побаравме да ни биде кажан колкаво количество отпад е веќе изнесено од фабриката, но ништо не ни беше одговорено“, велат работниците на некогашниот хемиски гигант.

Само 10 проценти од хемикалиите во ОХИС денес се хемиски отпад кој треба да се дислоцира, другото се што се наоѓа таму може да се употреби, рече еден од вработените од говорницата, напомнувајќи дека во кругот на фабриката има толкаво количество разновиден хемиски материјал, што може повторно да стартува производство и воедно обвини дека хемикалиите на ОХИС се продаваат и на нив се заработува.

Иако најавен како најважен учесник на вчерашната трибина за ОХИС, вчера не присуствуваше Јани Макрадули, заменик-министер за животна средина, за што не беше дадено објаснување, ниту пак воопшто имаше друг претставник на ова ресорно министерство.