fbpx

„Вила Зора“: Ние се задушуваме, а градските татковци мирно спијат

-

Загадувањето е алармантно и вакви концентрации на штетни материи во воздухот, медицински кажано, се опасни по живот, велат од еколошкото друштво „Вила Зора“ од Велес.

– Mерките на надлежните институции не само што не се ефективни, туку не се ни преземаат. Интересно е што граѓаните буквално се задушуваат во нечист воздух, а надлежните се однесуваат како ништо да не се случува. Скопје е долг период најзагаден град во Европа, а градските татковци мирно спијат, без никакво чувство на одговорност – вели Ненад Коциќ од „Вила Зора“.

Тој вели дека има некои препораки од надлежните, но тоа не се мерки, туку само совети како би можеле да влијаеме на намалување на загадувањето.
– Денеска слушнав дека во Скопје ќе почнело да се прска по улиците со оние ацетати, кои се претставени во јавноста како спасоносни мерки, но лично мислам дека тоа нема да има речиси никакво влијание на загадениот воздух затоа што не се влијае на изворот на загадувањето. Можеби ќе се намали загаденоста затоа што од утре ќе има врнежи, но истите нема да го решат проблемот – вели Коциќ.

„Вила Зора“ уште минатата година излезе со предлог-мерки кои се компатибилни со препораките дадени од СЗО, но оттаму велат дека добар дел од нив треба да почнат да се применуваат многу порано, пред да почне грејната сезона, а не откако ќе почне задушувањето.

Коциќ вели дека со оглед на фактот дека загадувањето е предизвикано од повеќе причини, како временски услови, сообраќај, индустрија и домаќинства, нивниот став е дека треба да се влијае на повеќе извори на загадување за да може да се постигне квалитетно намалување на концентрацијата на штетни материи во воздухот.

Мерките што ги предлага „Вила Зора“ се забрана на употребата на гуми, масло од автомобили и други токсични средства во лесната и во тешката индустрија и редуцирање на работата на индустриските капацитети. Покрај тоа, треба да се намали акцизата, а со тоа и цената на ТНГ(еко-плин) во месеците декември, јануари и февруари, со што ќе се стимулира употребата на ова релативно поеколошко гориво во зимскиот период. Еколошкото друштво, покрај тоа, предлага да се намали цената на биодизел-горивото во истиот временски период, со зголемување на процентот од 6 на 20 отсто, како и да се исклучат од сообраќај тешките возила кои не ги задоволуваат основните еколошки стандарди. Освен тоа, тие сметаат дека треба да се забрани сечење на дрва во градовите, освен ако не се стари и ако преставуваат опасност по околината.

Тие овие мерки јавно ги презентирале и ги преставиле на средбите со преставници на Министерството за екологија, Министерството за шумарство и водостопанство и со претседателот Иванов, но велат дека досега ништо не се презело.

Утринава, во 10 часот, во Тетово, скопските населби Центар, Карпош, Лисиче, Гази Баба, како и на мерната станица Ректорат, концентрацијата на канцерогените ПМ10-честички е на многу виско ниво. Во Миладиновци, Битола, Кичево, Велес, Кочани и во Кавадарци е на високо ниво. Во Карпош и во Центар, на многу виско ниво се канцерогените ПМ2,5-честички, а во Лисиче има високо ниво на јаглероден моноксид.
Во Гази Баба, вчеравечер, во 23 часот, нивото на ПМ10-честички беше 650 микрограми на еден кубен метар, што е за 13 пати повеќе од дозолените 50, а во Тетово беа измерени повеќе од 800 микрограми, што е за 16 пати повеќе од дозволеното количество.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Студентот Филип Алчевски победи на хакатонот за зелено инженерство

Филип Алчевски со темата „Иновативни употреби на летечката пепел за одржлив развој“, е победник на хакатонот за зелено инженерство, кој се одржа на Технолошки-металуршкиот факултет (ТМФ). Второто место го освои...