Извор: Скриншот од видео објавено од Катерина Слатинова на Фејсбук: https://www.facebook.com/katerina.slatinova/videos/5388581504517013

Викендов со помош на тешка механизација беа срушени некогашната дискотека и ресторанот „Парк“, кои беа дел од комплексот кој повеќе не постои на просторот на Горица Еден. Ресторанот „Парк“ беше објект изграден според наградуваниот проект на познатиот охридски архитект Павел Балабан.

Иако претставниците на граѓанското здружение „Охрид СОС“ поднесоа иницијатива до Инспекцискиот совет, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Државниот управен инспекторат за итен инспекциски надзор врз зафатите кои започнале врз објектот на ресторанот „Парк“, активностите за рушење на објектите се реализираа бидејќи се работи за приватен имот, чиј сопственик ги обезбедил потребните дозволи.

Mинистерката за култура Ирена Стефоска, побара одземање на ингеренциите на општините Охрид и Струга поради негрижа за светското културно и природно наследство. Таа изјави дека општините Охрид и Струга немаат волја за заштита на светското природно и културно наследство впишано во УНЕСКО, поради што ќе иницирала пред Владата да се разгледа можноста за одземање на ингеренциите на овие општини.

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, вели дека е изненаден од изјавата на министерката за култура за одземање на ингеренциите на општина Охрид, и реагираше на социјалните мрежи со став дека ако министерката вистински сака да помогне во делот на отстранување на објектите, треба да помогне да се обезбедат 60 милиони денари финансии кои Општина Охрид во неколку наврати ги барала.

Според најавите, на оваа локација планирано е да се гради хотел на три ката и потпокрив.