Викендов он-лајн турнири по гејмање како поддршка во борбата против Ковид-19

И Македонија се вклучува во глобалниот тренд на организирање на он-лајн турнири по гејмање како поддршка во борбата против Ковид-19 и зголемување на социјализацијата на граѓаните во услови кога тие се приморани да седат дома. Македонската еспорт асоцијација викендов ќе организира он-лајн турнири во познатите видео игри „League of Legends“ и „Counter Strike: Global Offensive“.

Тие посочуваат дека видео игрите и еспортот се од исклучителна важност во периодот на глобалната пандемија со корона вирусот, кога сите сме приморани да држиме социјална дистанца и да престојуваме дома. Ваквата реалност ја препознала и Светската здравствена организација, која уште на почеток на годинава започнала кампања за социјализација преку видео игрите.

„Гејмингот и интернетот имаат потенцијал да зближат луѓе со слични размислувања, а веќе години наназад сѐ повеќе се зголемува оваа заедница од луѓе кои имаат иста пасија. Показател за ова е ѝ дека квотата за тимови кои можат да се регистрираат за овој турнир се пополни само по неколку часа од објавувањето на истиот, што ни дава мотивација вакви организирани натпреварувања да создаваме сѐ почесто, а притоа да помогнеме во олеснувањето на секојдневието на играчите“, велат од Македонската еспорт асоцијација.

Гореспоменатите он-лајн турнири ќе се одвиваат во периодот од 24 април (петок) до 26 април (недела) и ќе можат да се гледаат во живо на twitch.tv/mesa_mk и twitch.tv/ggtvmk. Најдобрите гејмери како победници на турнирот ќе бидат наградени од спонзорите на овој настан.