Вигенин ги повика македонските политичари да се воздржат од потпалувачки изјави

Кристијан Вигенин, заменик-претседател на бугарскиот парламент и член на Бугарската социјалистичка партија денеска во изјави за медиумите во парламентот, ги повика властите во Македонија, како и водечките политичари и партии да се воздржат од изјави и постапки што не водат до решавање на проблемите, туку до неприфатлива ескалација којашто може на долг рок да го влоши дијалогот меѓу двете земји, јави бугарската новинска агенција „Фокус“. Со сличен тон настапи и Костадин Костадинов, претседателот на националистичката и проруска партија „В’зраждане“ (Преродба), кој сугерираше дека зад нападот врз претепаниот Пендиков стои Христијан Мицкоски.

Иако не даде сигнали за тоа дали мисли на некого посебно, изјавата на Вигенин уследува по вчерашното обраќање на македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој по седницата на Советот за безбедност соопшти дека предложил да се забрани влезот на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски и уште неколкумина бугарски националисти кои најавија дека ќе дојдат во земјава за да го одбележат роденденот на Гоце Делчев. Истовремено, Пендаровски се обрати и до институциите на Бугарија, порачувајќи политички да ги изолираат луѓето кои не сакаат добрососедски односи.

Пендаровски: Предложив да се забрани влез во земјава на европратеник и други лица од Бугарија

Вигенин во бугарскиот парламент, каде требаше да се одржи расправа поради претепувањето на секретарот на Бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид, Христијан Пендиков, порача дека случувањата од последните денови ја потврдуваат правилноста на позиција на БСП да не го поддржи кревањето на ветото за преговорите на земјава со ЕУ.

Инаку, расправата, иницирана од националистичката партија „В’зраждане“ (Преродба) и на собраниската Комисија за политики за Бугарите во странство, беше одложена затоа што на седница не дојде шефот на бугарската дипломатија Николај Милков, поради, како што беше соопштено, службено патување надвор од земјата.

За случајот со физичкиот напад на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендаков, Вигенин смета дека не станува збор за криминален случај туку дека „мотивацијата за ова злосторство се крие зад систематското всадување омраза кон Бугарија и кон македонските граѓани со бугарски идентитет“.

„Најостро го осудуваме овој случај и бараме бугарските власти да преземат поактивен и посеопфатен пристап во однос на РСМ – пред сè да се спротивстави на говорот на омраза во РСМ, да ги заштити правата на македонските граѓани со бугарска самосвест. Да извршиме притисок со помош на нашите партнери од ЕУ, за строго спроведување на преземените обврски од РСМ, како кон Бугарија, така и кон ЕУ“, рече Вигенин.

Покрај Вигенин, реагираат и други бугарски политичари, коишто повикаа да се гарантираат правата на Бугарија во Северна Македонија и да се сузбие говорот на омраза, но и побараа заедничка позиција на ЕУ кон насилството против Бугарите во РСМ, известува Бугарското национално радио.

Најистакнат од нив е Асен Василев, ко-претседателот на „Продолжуваме со промената“, која во претходниот владин мандат беше на чело на коалициската влада, односно премиер беше Кирил Петков, другиот ко-претседател на оваа партија.

Македонија има проблем со целата ЕУ и додека не се средат работите и бугарските граѓани не бидат целосно заштитени, нема да почне процесот на приклучување кон ЕУ, порача Василев.

„За прв пат македонски министер за надворешни работи дојде во Бугарија и се извини за тоа што се случува во Македонија. Во моментот лостовите на целата европска дипломатија се во рацете на нашите дипломати и ние треба да оркестрираме сериозен одговор дека ова не е проблем само меѓу Бугарија и Македонија, туку тоа е проблем на Македонија со целата ЕУ. И да ги користиме сите можности што ни се дадени, за да ја искористиме целата сила на ЕУ и да ја принудиме Македонија да ги почитува човечките права на бугарските граѓани таму.

Како што знаете, Македонија не го почна процесот на приклучување и нема да го почне додека Бугарија и Европа не се уверат дека бугарските граѓани се целосно заштитени во Македонија, порача Василев, пренесува БНР.

Претседателката на парламентарната група на ГЕРБ-СДС, Десислава Атанасова, пак порача дека Северна Македонија треба да ги штити човековите права и потребна е целосна истрага за тепаниот Христијан Пендиков.

„И покрај тоа што Народното собрание донесе одлука во практика да го отвори патот на Северна Македонија кон членство во ЕУ, ние многу налагаме на тоа тие да ги почитуваат сите критериуми што се вклучени во предлогот за решение – на прво место да биде заштитата на човековите права“, вели Атанасова.

„Преродба“ инсистира да биде ставено вето на земјава за влегување во ЕУ по случајот со претепаниот секретар на Бугарскиот културен центар во Охрид, известува БНР.

Претседателот на оваа ултранационалистичка и проруска партија Костадинов Костадинов, исто така сугерираше дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е поврзан со нападот врз Пендиков и го нарече главниот мотиватор на антибугарските ексцеси во Македонија.

„Минатата година предупредувавме дека ако неразумно се дигне ветото, под туѓ притисок, ќе имаме сериозен проблем. Тоа што кажавме дека ќе се случи, за жал се случи. Ние, меѓу другото, добивме информација дека тоа што се случило во Охрид до некој степен е директно или посредно инспирирано од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, којшто, така да се каже, е во моментот главниот двигател на антибугарските ексцеси во Македонија. Ако се покаже дека е тоа точно, иако тешко би можеле да го докажеме, сосема можно е да се направи такво нешто. Македонија секогаш покажувала дека кога ќе тргне во правец на спротивставување со Бугарија е подготвена да оди до крај. Големото прашање е до каде може да отиде Бугарија“, вели Костадинов.