Фото: Влада на РСМ

На Европската унија и е потребна нова стратегија за Западен Балкан, оценуваат од Виенскиот институт за меѓународни економски студии и Фондацијата „Бертелсман“, пред почетокот на Самитот на лидерите на Западен Балкан во Словенија, во среда.

„Ветениот економски пакет за Западен Балкан од Европската Унија, во износ од девет милијарди евра, што треба да генерира приватни инвестиции од околу 30 милијарди евра, малку ќе ја промени економската ситуација на Западен Балкан,“ вели заменикот-директор на Виенскиот институт и коавтор на студијата на Фондацијата „Бертелсман“, Ричард Гривесон.

Тој додаде дека потребни се дополнителни средства и план за екологизација и дигитализација на балканските економии. Студијата покажува дека земјите од регионот економски заостануваат многу зад земјите-членки на ЕУ и дека наследството од војните во поранешна Југославија и понатаму ги оптоварува односите меѓу државите.

„Домашниот бруто-производ на регионот е се уште многу низок, односно на ниво на БДП на Словачка“, истакна Гривесон, кој додава дека домашниот бруто-производ по глава на жител на Западен Балкан е помеѓу 20 и 40 проценти од нивото на Германија, а со тоа и под секое мнозинство од источноевропските членки на ЕУ.

Во студијата се оценува дека, Договорот за стабилизација и асоцијација позитивно влијаел врз извозот во ЕУ, односно тој се зголемил за помалку од една четвртина во последните две децении. Директните инвестиции од ЕУ се зголемиле за околу 46 отсто во истиот период, што, според нив, е скромно во споредба со растот на директните инвестиции од ЕУ во Полска, Чешка, Словачка или Унгарија пред да влезат во Унијата.

Во студијата се наведува дека успесите во областа на инфраструктурата се ограничени, иако земјите од регионот се успешно поврзани со трансевропските транспортни и енергетски мрежи.

Во студијата се препорачува отворање на структурни и кохезиони фондови, како и други финансиски инструменти на ЕУ за Западен Балкан, а корисни биле интеграцијата во царинската унија, како и продолжувањето на постојните Договори за стабилизација и асоцијација.