„Види ја ти неа“ и „Награда“ – филмови инспирирани од празникот Водици

фото: „Види ја ти неа“ (2017) и „Награда“ (2017)

Денешниот христијански празник Богојавление – Водици го негува традиционалниот обичај што го бележи положувањето на Светиот крст за осветување на водите во сите градови и помали населени места во Македонија.

Обичајот кој прерасна во една од најголемите верски манифестации во земјава  инспирираше двајца македонски режисери да претстават свои филмски остварувања поврзани со настаните што секоја година се проследени на 19 јануари.

Лидија Мојсовска во својот краток филм – драма ја раскажува приказната за десетгодишниот Арбен кој по националност е Албанец, а по вера муслиман и кој одлучува да се пријави на верски натпревар што се организира во неговото училиште. Главниот мотив на Арбен е да ја освои главната награда за да му помогне на својот помал брат.

„Награда“ е деби остварување на Мојсовска. Кратката драма е инспирирана од вистински настани. Во филмот улоги толкуваат: Албан Лама, Аурита Агуши, Ахмет Дидат, Викторија Анѓушева, Филип Ивковски. Во 2017 година ја доби наградата од публиката за најангажиран краток филмна српскиот фестивал „Слободна Зона“, а добитник е и на други значајни признанија.

Филмот сега е достапен и може да се гледа на платформата Cinesquare.net со внесување на бесплатниот промо код M0Y4Q. Оваа понуда важи до 22 јануари.

„Види ја ти неа“ во режија и сценарио на режисерот Горан Столевски ја обработува темата за пробивање на правилата на обичајот според кои им се дозволува учество само на лица од машкиот пол. Носител на дејството е девојка која успева да го фати Светиот крст и покрај тоа што самиот поп и останатите учесници го негираат нејзиното учество. Главниот мотив е потребата на нејзиното семејство од наградите кои следуваат за оној кој успева да го фати Светиот крст.

Филмот ја освои наградата за најдобар меѓународен краток филм на филмскиот фестивал Sundace во 2018 година, а покрај тоа доби Гранд При признание на Меѓународниот фестивал за филм во Лвив, Украина и се закити сп уште три награди. Главните улоги ги толкуваат глумицата Сара Климоска, Игор Ангелов, Милица Стојанова.