(ВИДЕО) Вчера Конти, денеска Грок: Менаџерите на пирамидалните шеми отфрлаат одговорност

Една апликација згаснува - луѓето добиваат, но и губат пари, а нова веднаш се отвора. Мартин Стојанов (24) од Радовиш кој бил администратор на Конти, за Мета.мк вели дека не чувствува никаква одговорност поради тоа што голем број луѓе изгубиле илјадници евра преку платформата „Конти“ за брза заработка и дека сега воведува нова апликација

Мартин Стојанов е 24-годишно момче од Радовиш, професор по физичко образование, кој е еден од првите администратори на пирамидалната шема „Конти“ во земјава, а сега, по нејзиното пропаѓање, менаџира нова апликација наречена „Грок“. Од вчера до денеска во групата на социјалната мрежа Телеграм веќе се собрани над 1000 корисници кои вложуваат пари со сиот ризик дека можат да ги изгубат.

„Шемата“ повторно е иста – се инсталира апликација, се кликаат лајкови на филмови, се вложуваат пари, а има и различни пакети. Но, заработката не доаѓа од „кликовите“, туку од привлекувањето нови и нови луѓе. Колку си погоре во пирамидата, толку е поголема веројатноста за заработка.

Фото: Принтскрин, Грок

Дел од оние што изгубиле пари од „Конти“, сега спасот го бараат во новата платформа. И не само во таа. Стојанов во разговор за Мета.мк тврди дека во моментов има 13 вакви слични апликации кои работат преку пирамидална шема.

„Ем сум изгорен од Конти, ем сакам да вложам на пакетот од 800 долари со надеж да вратам нешто“, пишува на Телеграм еден од новите потенцијални корисници на „Грок“.

Стојанов за Мета.мк вели дека не чувствува никаква одговорност поради тоа што голем број луѓе веќе изгубија илјадници евра преку платформата „Конти“ за брза заработка.

„Јас ги предупредив луѓето дека Конти ќе паѓа, од 14.000 луѓе, само 2.000 ме послушаа. Тие сега чекаат нова шанса од мене“, вели Стојанов, додавајќи дека „сè е на нивни ризик, бидејќи утре може да падне и новата апликација“.

Фото: Принтскрин, Телеграм

На прашањето како знаел дека ќе падне „Конти“, Стојанов одговара дека уште пред 10 години е влезен во овие пирамидални шеми и е целосно запознаен со тоа како функционираат.

За „Конти“ дознал преку Словенија, од неговата бивша девојка, која во декември 2023 година „влегла“ во апликацијата. Над неа имало една претпоставена, а главен менаџер била извесна Ангела, за која никој не знае која е.

„Никогаш ниту ја видовме, ниту пак ја чувме во разговор во живо. Таа комуницираше со нас само преку Телеграм. Не знаеме буквално ништо за неа, ниту од каде доаѓа“, вели Стојанов.

Со оглед на тоа дека тој, заедно со уште едно лице од Кавадарци, Александар Димков, први влегуваат во шемата, „Конти“ прво почнува да се шири низ Радовиш и Кавадарци, а потоа и во Велес.

На сметката на Бајненс (Binance – платформа за тргување со крипто валути), како што објаснува Стојанов, му легнувале по 2 илјади долари неделно, како плата, а во меѓувреме, пирамидалната шема расте и достигнува 14.000 членови.

„Дури и полицијата од Радовиш беше влезена во Конти“, вели Стојанов.

Како „бизнисот“ цвета, така и главните администратори добиваат повеќе и повеќе пари, но и привилегии.

Александар Димков го отвора првиот инфо центар на Конти во Кавадарци со паричен влог од 10.000 евра, а во август годинава, Стојанов го отвора инфо центарот во Радовиш со паричен влог од 5.000 евра.

Фото: Извод од Централен регистар

Стојанов ни испрати и видеа од тоа како е опремена новата канцеларија. Сè уште стои логото на „Конти“, но вели дека сега само ќе ги тргне налепниците и ќе стави нови, со новата апликација.

На нашето прашање дали се плаши дека за сето ова може некогаш да одговара, тој самоуверено одговара:

„Мене луѓето сами ме бараат. Еве чекам некој да дојде во МВР да пријави, но никој не пријавува. Луѓето доаѓаат кај мене, не одам јас кај луѓето, тие сами си прашуваат и влегуваат во ова. Важно е кога ќе инвестираш, колку да инвестираш и да знаеш кога да се повлечеш“, вели тој.

Стојанов вели оти не знае колку ќе трае новата пирамидална шема и дали и таа набргу може да се сруши со сите вложени пари на луѓето.

„Не знам, сега моментално истражувам, прегледувам илјадници сметки“, вели Стојанов.

Димков: Добивам закани по падот на „Конти“, апелирам до луѓето да не вложуваат

За разлика од Стојанов, менаџерот од Кавадарци за „Конти“, Александар Димков во разговор за Мета.мк ги предупредува луѓето да не влегуваат во пирамидални шеми од овој вид.

„Јас имав договор со Конти на една година, и планот беше да се спроведува до 2027 година, да има глобално влијание. Конти имаше 2 милиони членови, Србија, Босна, Индија, Сингапур. Сега веќе никаде не функционира. И немаме никакво објаснување. Јас не знам кој точно стои на врвот на оваа пирамида, првпат влегов во ваква пирамидална шема, но освен со берза, веќе никогаш не би се бавел со ова повторно“, вели Димков.

Тој додава дека од Конти не е во загуба, но дека многу луѓе кои се приклучиле подоцна, загубиле пари.

„И јас имам заробени 15.000 долари на апликацијата. Но, последните што влегоа а вложија големи суми се во најголема загуба. Сега слушам дека повторно се отвора нова апликација и дека канцеларијата на Конти ќе се користи за неа. Сметам дека тоа не е во ред, но ете, луѓето упорно вложуваат во вакви работи, сите сакаат да бидат први“, вели Димков, кој по згаснувањето на „Конти“, вели дека се соочува со голем број закани од лица кои изгубиле пари.

Исплатите од апликацијата „Конти“ згаснаа во 10 часот вечерта минатиот понеделник, што доведе до паника кај голем број граѓани.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во саботата изјави дека досега нема ниту една пријава и изрази „загриженост за ваквиот тип на пирамидален, инвестициски, финансиски потенцијален криминал којшто се случува по не знам кој пат во Македонија“.

Илјадници граѓани гладни за брза заработка: Се ближи крајот на пирамидалната шема „Конти“, но се отвораат нови