фото: Принтскрин од видео / Јутјуб

Српскиот актер и режисер Драган Бјелогрлиќ утрово во хотелот „Амбасадор“ во Ниш го нападнал режисерот Предраг Гага Антонијевиќ, удирајќи го повеќе пати во главата, пишуваат медиумите во Србија.

Видео од настанот, снимено од хотелските камери, денеска беше објавено на социјалните мрежи. На снимката се гледа дека Антонијевиќ и Бјелогрлиќ седат во лобито во хотелот, по што актерот се приближува и го удира режисерот.

Полицијата во Ниш потврдила дека интервенирала во хотелот поради физичка пресметка на две лица, а за случајот е известено и тамошното Основно јавно обвинителство.

По инцидентот Бјелогрлиќ бил приведен во полицијата во Ниш, а причините за нападот сѐ уште се непознати.

Предраг Антонијевиќ е режисер на неколку познати филмови. Годинава беше објавен неговиот контроверзен филм „Дара од Јесеновац“ (Dara iz Jesenovca), на кој  е прикажан животот на едно десетгодишно девојче и неговото семејството, кога се однесени во концентрационен логор во Хрватска за време на Втората светска војна.

Медиумите во Белград пишуваат дека пред извесно време режисерот го тужел Бјелогрлиќ поради тоа што во 2016 година му понудил мито за да го поддржи филмот „Есен на самураите“ (Jesen samurajа).

И двајцата режисери деновиве се наоѓаат во Ниш за да присуствуваат на Филмските средби кои започнаа во сабота.