По десетминутниот дожд попладнево, прокапе вода во автобусот на релација Тетово – Скопје. На патниците, како што сведочат тие, им капело вода на глава, па голем дел од нив се преместиле на предните седишта, а оние за кои немало место напред, излегле водени кога пристигнале во Скопје.
„Капеше вода на секое седиште, сите бевме водени. Навистина е под секакво човечко достоинство луѓето да патуваат во вакви услови, посебно што дел од нас одат на работа или на состаноци во Скопје“, вели тетовката Е.Л., една од патничките.
Инаку, билетите за автобус на релација Скопје-Тетово порано чинеа 120 денари во еден правец, потоа беа поскапени на 160 денари, а од пред три месеци, билет чини 200 денари.
Автобусот е на компанијата „Руле Турс“, која воедно стопанисува со Автобуската станица во Скопје.
Масер Омерагиќ, директорот на „Руле Турс“, за „Мета.мк“ изјави дека станувало збор за мал проблем, поради денешниот дожд.
„Сега ова ви е главна тема на денот, и покрај сè што се случува во државата? Мал проблем бил, сега проверив, навлегол дожд во системот за вентилација и почнало да капе, ништо страшно, не било поплава. Автобусот ќе биде саниран. Сепак, се споиле небо и земја, очекувано е да се јави проблем“, изјави тој.
Во 2015 година, на јавното наддавање за закуп и стопанисување со Скопската автобуска станица, Руле Турс беше избран да стопанисува со автобуската во наредните 15 години. Оваа фирма и претходно беше концесионер на Автобуската станица.
Веб-страницата на Автобуската станица веќе две години не работи, па граѓаните не се во можност онлајн да добијат информации за возниот ред. Омерагиќ вели дека веб-страницата не работела две години поради пандемијата со коронавирусот и дека се работи на тоа да се реши проблемот.
АНКЕТА: Младите користат јавен превоз оти мораат, сонуваат да возат автомобил [инфографик]