Од МВР денеска излегоа со официјални детали од апсењето на осомничениот за трикратното убиство во Кавадарци.
Како што информираат оттаму, 40-годишниот Т.С. бил уапсен вчера, околу 11.30 часот, по бркотница со полицијата на градските гробишта и низ околните улици во Кавадарци.
По речиси дводневна потрага и по добиени оперативни информации, полицијата го лоцирала осомничениот на градските гробишта во Кавадарци. При проверување на теренот на северната страна на гробиштата, полицијаците го забележале Т.С. на оддалеченост од дваесетина метри и му наредиле да застане. Во тој момент осомничениот извадил пиштол, држејќи го со десната рака, со цевката надолу кон земјата.
– Повторно му е издадена наредба да застане, која ја одбил и се дал во бегство, по што од полициските службеници истрелани се неколку предупредувачки истрели во воздух – информираат од МВР.
Осомничениот продолжил да бега низ околните улици, но по извесно време, повторно влегол во кругот на гробиштата, каде бил опколен од полицајците кои му биле зад петиците, но не се предал веднаш.
– По кратко убедување, осомничениот го спуштил пиштолот и од страна на полициските службеници е лишен од слобода – додаваат од МВР.
Од извршениот разговор во полициската станица во Кавадарци, полицијата утврдила дека тој во неделата, околу 16 часот, отишол во куќата на неговата сопруга, со која воделе бракоразводна постапка, и почнал расправија со нејзината мајка, Билјана Л., и со сестрата, Снежана Л. Неколку минути потоа, го извадил пиштолот што го носел со себе, истрелал по еден куршум во градите на двете жени, а потоа се качил на катот од куќата, каде била третата жртва, Илија Л., и и него го застрелал во градите. Илија и неговата сопруга Билјана починале на самото место, додека Снежана им подлегнала на повредите во болницата во Кавадарци.
Осомничениот, со кривична пријава за убиство, е изведен пред надлежен Јавен обвинител, a судија на претходна постапка му одреди триесетдневен пртивор.