Фото: Исечок од видеото

На видеото кое трае повеќе од 2 минути, измонтирани се сегменти од различни настани каде телевизиски презентери, новинари, медицински лица и спортисти се онесвестуваат или пак паѓаат на терените, а за сите нив се тврди дека „починале поради вакцината”. Но, дел од видео материјалите се снимени пред воопшто да постои вакцина против ковид-19, а за другите постојат или други медицински објаснувања, или пак никаков доказ дека несвестицата е предизвикана од вакцината против ковид-19, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува видео материјал кој е компилација од повеќе фрагменти. Во описот на видеото се вели:

Вистинската пандемија на ненадејна смрт кај младите луѓе по масовното боцкање изгледа вака. Видео со кратки видео сегменти од реални настани.

На видеото кое трае повеќе од 2 минути, измонтирани се сегменти од различни настани каде телевизиски презентери, новинари, медицински лица и спортисти се онесвестуваат или пак паѓаат на терените, а за сите нив се тврди дека „починале поради вакцината”. Ова тврдење е невистинито. Нема докази дека епизодите на несвестица кои се прикажани на видеото се на било каков начин поврзани со вакцинацијата против ковид-19, а некои од прикажаните фрагменти во видео материјалот се снимени пред воопшто вакцината да биде измислена и пред да почне вакцинацијата против ковид-19 во светски рамки.

Видеото почнува со кадар каде водителката на информативната програма Цајт Им Билд (CIB) Роза Лион, се онесвестува додека ја води емисијата. Настанот е од септември 2019 година, а од австрискиот национален јавен радиодифузер ОРФ потоа изјавија дека таа е на опоравување, замолија за приватност на презентерката и не дадоа дополнителни детали за нејзината здравствена состојба. Роза Лион се онесвести во текот на утринската програма ЗИБ, која се емитува како дел од „Добро утро Австрија”. Иако точната причина поради која водителката се онесвести не беше наведена во медиумските извештаи, јасно е дека тоа не е поврзано со вакцината, бидејќи тогаш вакцина против ковид-19 воопшто и не постоеше.

Понатаму видеото продолжува со сегмент каде што се онесвестува друга новинарка, за која проверувачите на факти Лид Сторис потенцираат дека е поради тоа што не појадувала, а не поради вакцината. Станува збор за новинарката Клара Фефер, која се онесвести на германскиот канал РТЛ во февруари годинава. Оваа снимка стана вирална на социјалните мрежи, а антивакциналните кругови ја злоупотребија ситуацијата, затоа што во моментот кога се онесвести, новинарката поставуваше прашање за задолжителната вакцинација против ковид-19. Од РТЛ за проверувачите на факти на Лид Сторис велат дека краткорочното здравствено нарушување на Фефер не е поврзано со ефектите на вакцината. Самата Фефер по настанот сподели порака на Твитер уверувајќи ја публиката дека се чувствува добро и дека дефинитивно ќе појадува следниот ден пред шоуто.

Понатаму, видеото во постот што го рецензираме продолжува со сцена на која бразилскиот водител Рафаел Силва се онесвестува за време на пренос во живо. Настанот е од 3 јануари 2022 година, а сомнежите дека причината за несвестицата на водителот е реакција на вакцината, ги отфрли самиот Силва кој на Фејсбук сподели информација дека лекарите му дијагностицирале срцеви проблеми.

Здраво пријатели, време е да ви кажам навистина добри вести. По речиси две недели закрепнување откривме дека имам дисјункција на митралната валвула. Така сега ми е вграден дефибрилатор. Наскоро повторно ќе бидеме заедно, ви благодарам на сите за пораките и љубовта, напиша Силва.

Понатаму, споделено е видео на кое за време на настап се онесвестува комичарката Хедер Мекдоналд. По ова, таа се здобила со скршеници на черепот, но навремено добила лекарска помош и сè добро се завршило. Неколку минути пред инцидентот таа се шегуваше за вакцинирањето и коронавирусот, фалејќи се дека била вакцинирана и дека никогаш не се заразила. Точно е дека Мекдоналд била целосно вакцинирана против ковид-19 и имала примено и бустер доза, еден месец пред онесвестувањето во Аризона. Но, не постои доказ за поврзаност меѓу вакцината и онесвестувањето. Лекарите кои ја процениле нејзината медицинска состојба не констатирале здравствени проблеми освен фрактура на черепот која настанала поради ударот.

Во продолжение, се споделува видео исто така неповрзано со вакцинацијата против ковид-19. На видеото е прикажана австриската политичарка Ева Марија Холцлајтнер како се онесвестува за време на говор. Според странски проверувачи на факти од Литванија, нема докази дека оваа епизода е поврзана со вакцините против ковид-19, а освен тоа, политичарката последен пат била вакцинирана против ковид најмалку еден месец пред настанот.

Потоа следува видео на кое за време на прес конференција се онесвестува Тања Ерихсен, шефица на Данската медицинска агенција, но нема докази дека тоа е некако поврзано со вакцината, а од агенцијата изјавија дека набрзо таа се освестила.

На дел од снимката во постот што го рецензираме, се гледа дека се онесвестил кошаркарот Кејонтае Џонсон и тоа за време на натпревар, но овој инцидент е од 2020 година во декември месец, кога вакцинацијата против ковид-19 во САД беше штотуку започната и тоа со приоритетна листа на која први беа ризичните и постари лица, па Џонсон во моментот на онесвестувањето воопшто не бил ни вакциниран, пишуваат проверувачи на факти од Литванија.

Следното видео го прикажува фудбалерот Усман Кулибали кој доживеа срцев удар на теренот нешто што не беше поврзано со вакцината. Фудбалскиот клуб ги отфрли шпекулациите дека ова е поврзано со вакцинацијата бидејќи тој последната доза ја примил 9 месеци пред инцидентот.

Понатаму, во постот што го рецензираме се споделува видео од жена во Аргентина која доживува нешто налик епилептичен напад, а нема докази дека воопшто е вакцинирана против ковид-19. За конкретното видео Вистиномер пишуваше уште во февруари 2021 година.

Видеото ја прикажува и несвестицата на медицинската сестра Тифани Довер од Тенеси САД, која се онесвести по првата доза против ковид-19 во декември 2020 година. Тоа, како што изјави и самата не е поврзано со вакцината туку поради нејзината претходна здравствена состојба. За тоа пишувавме уште во декември 2020 година.

Поради сите горенаведени факти, постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит. Не е точно дека на видеото се претставени кадри од епидемија на смрт по вакцинацијата. Дел од видео материјалите се снимени пред воопшто да постои вакцина против ковид-19, а за другите постојат или други медицински објаснувања, или пак никаков доказ дека несвестицата е предизвикана од вакцината против ковид-19.