Вицепремиерот Николоски во Лондон се сретнал со претставници на британскиот инструмент за надворешно финансирање

Иако Николски веќе зборувал за деталите со претставници на УКЕФ, сепак вели оти официјалните разговори за начинот на финансирање и реализација на проектите ќе започнат отткако денеска ќе го потпише договорот Влада со Влада и тој ќе биде ратификуван во македонското Собрание

Фото: Принтскрин од видео на vlada.mk

Министерот за транспорт и вицепремиер, Александар Николоски преку соопштение до медиумите објави дека во Лондон разговарал со претставници на Инструментот за поддршка на надворешното финансирање на Обединетото Кралство – УКЕФ, за деталите околу 5-те милијарди фунти, пари што треба да ѝ се ставаат на располагање на Македонија за реализација на инфраструктурни проекти.

“Истите можат да се користат за проектно финансирање, тоа значи дека се врзани за проекти што значи дека ќе носат додадена вредност на Македонија. Тоа се проекти во делот на транспортот, здравството, образованието, во делот на енергетиката и животната средина“, вели вицепремиерот Николоски.

Тој ги повтори помпезно најавуваните први проекти, како што е брзата пруга на коридор 10 од Табановце до Гевгелија, изградба и реконструкција на болници во Кичево, Тетово и Штип и изградба на медициски факултет заедно со студенски дом во Штип.

Иако кажа дека веќе зборувал за деталите со претставници на УКЕФ, Николоски сепак вели оти официјалните разговори за начинот на финансирање и реализација на проектите ќе започнат отткако денеска ќе го потпише договорот Влада со Влада и тој ќе биде ратификуван во македонското Собрание. Дури потоа најави дека и македонската јавност ќе биде информирана за овие детали.

„Кај нас Договорот ќе оди со ратификација во Собрание, во Велика Британија го усвојува Владата и малку е поедноставна процедурата и после тоа станува ефективен и потоа влегуваме во преговори за реализација на договорите“, рече Николоски најавувајќи дека договорите за изградба ги очекува во текот на летото, а работата на терен на есен.

Заедно со Николоски во Лондон е и вицепремиерот и министер за финансии Изет Меџити, директорот на ЈП МЖ Инфраструктура, а ќе дојде и министерката за образование Весна Јаневска.