Фото: Влада на РСМ

Заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска одржа воведно обраќање на Интернационалниот биатлон форум на тема „Родова еднаквост во спортот – можности и предизвици“.

Во своето обраќање вицепремиерката Грковска нагласи дека на уривањето на родовите стереотипи во спортот, но и во општеството воопшто треба да работиме сите заедно, особено со младите кои не се раѓаат со предрасуди, туку ги стекнуваат подоцна, под влијание на околината во која живеат.

„Жените во спортот се соочуваат со многу повеќе предизвици отколку мажите. Трнлив и тежок е нивниот пат до успехот и затоа сакам да им честитам на спортистките и спортските работнички, за сите постигнати успеси и признанија во сеуште доминантно машкиот свет, кои сите ние ги славиме како наши национални успеси. Затоа, од исклучително значење е и одржувањето на денешниот форум посветен на родовата еднаквост во спортот, но и воопшто во општеството. Само со гласност, само со отворена дебата можеме да се спротивставиме на стереотипите и на предрасудите“, нагласи вицепремиерката Грковска.

Таа додаде дека во овој процес важна улога има и политиката што државата ја води против дискриминацијата по кој било основ. Во тој контекст, додаде таа, во последниве години постигнат е значаен напредок на ова поле.

„Врз основа на новиот Закон за заштита од дискриминација, формирана е целосно независна, професионална комисија за заштита од дискриминација, која повеќе од една година е целосно функционална. Законската регулатива во сите области мора да биде родово-сензитивна, жените мора да бидат вклучени во сите процеси на донесување на одлуки и да се применува родово-одговорно буџетирање“, потенцираше заменик-претседателката Грковска и нагласи дека нашата заедничка цел е да изградиме општество во кое нема да има дискриминација по ниту еден основ.

На форумот, покрај вицепремиерката Грковска присуствуваа и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, американската амбасадорка Кејт Мари Брнз, директорот на Агенција за млади и спорт, Наумче Мојсовски и повеќе други спортисти и спортски работнички и работници.

Според министерката за одбрана Славјанка Петровска, во нејзиниот ресор е постигнат голем напредок во последниве години.

“Дали само остануваме на зборови или зборовите ги преточуваме во акции се гледа преку бројки, за споредба 2012 година процентот на застапеност на жените во униформа бил 5, 7 отсто, а оваа година тој процент е 10,15 отсто што покажува еден поприлично голем скок и не само бројот на проценти во вкупната бројка туку има значително подобрување и во однос на нивното рангирање односно на определени позиции”, рече Петровска.