fbpx

Виѓиленца Абази: Укажувачите не се штитат само со закон, тоа е само прв чекор

-

Во земја во која доминираат политичките партии, можеме ли да очекуваме јавен службеник да пријави злоупотреба ако нејзината партија може едноставно да ја отпушти?, прашува Виѓиленца Абази, професор на правниот факултет на Универзитетот во Мастрихт, Холандија, во интервју за „Мета“.

Македонија од 2015 година има Закон за заштита на укажувачите. Истата година кога беше донесен законот во случајот „Пуч“ беа обвинети Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски, двајца вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање во МВР кои, според веќе познатата приказна, оттму ги извадија „бомбите“ и му ги предадоа на поранешниот директор, Зоран Верушевски, од каде потоа го најдоа патот до јавноста. Веднаш откако Зоран Заев, тогаш лидер на опозицијата, во февруари 2015 година почна да ги објавува „бомбите“, двајцата укажувачи беа уапсени.

Костовски доби три години затвор откако се спогоди со обвинителството, а Лазаревски мина 11 месеци во притвор затоа што одби да се согласи со обвинението. ВО април 2016 година, по аболицијата од Ѓорѓе Иванов, Костовски беше ослободен од издржување на затворската казна.

На 20 декември лани, по три и пол години од нивното апсење, Лазаревски и Костовски беа вратени на работа во МВР.

Абази, првенец на својата генерација на Правниот факултет на скопскиот универзитет, своето образование го продолжила на Универзитетот во Амстердам, Универзитетот Колумбија, Јејл… Денес држи предавања на неколку видни универзитети во САД и Европа.

На 16 април Европскиот парламент ја усвои Директивата на Европската унија за заштита на укажувачи, а на 4 април Советот на Европа усвои резолуција и препораки за заштита на укажувачи. Абази е учесник во подготвување на директивата, а резолуцијата и препораките се темелат на нејзиниот извештај „Заштита на укажувачи: предизвици и моности за локалните и регионалните власти“.

Европскиот парламент на 16 април донесе Директива, а Советот на Европа на почетокот на месецов резолуција и препораки за заштита на укажувачите. Какви новости носат овие документи?

– Ова се одлични чекори напред во зајакнувањето на владеењето на правото, демократијата, слободата на изразување и напорите во борбата против корупцијата во Европа. Дозволете да објаснам неколку значајни правни карактеристики. Мора да направиме важна разлика: прво, Европската унија усвојува закон, што значи обврзувачки правила, за заштита на укажувачите, додека Советот на Европа гласаше за резолуција, што е документ со насоки, но не и правно обврзувачки, како таков.

Второ, додека законите на ЕУ се однесуваат на сите членки на Унијата, опфатот на Советот на Европа е поширок и има 47 држави-членки.

Во суштина, Директивата се однесува на многу теми: прекршување на законот или злоупотреба на духот на законите на ЕУ во широк спектар на области како јавни набавки, финансиски услуги, спречување на перење пари и финансирање тероризам, безбедност на производи, безбедност во сообраќајот, заштита на животната средина, радијациска и нуклеарна безбедност, безбедност на храната, здравје и добросостојба на животните, јавно здравство, заштита на потрошувачите, заштита на приватноста и на личните податоци, заштита на мрежните и информатичките системи, заштита на финансиските интереси на Унијата, прекршување на внатешните правила на пазарот, вклучувајќи ги правилата за заштита на конкуренцијата и државните субвенции, или прашањата на даночно затајување.

Како документите, особено Директивата, ќе се одразат на Македонија?

– Северна Македонија, како земја-кандидат за членство во ЕУ, треба да го следи и да го усвои законодавството на Унијата. Тоа, меѓу другото, обезбедува да бидеме во тек со законите и стандардите на ЕУ, што е важно за можното идно членство.

Колку Македонија е далеку од одредбите на Директивата, како ја оценувате состојбата со заштитата на укажувачите во земјава?

Треба да бидеме сигурни дека законот, и на хартија и во пракса, одговара на потребите за заштита на укажувачите. Дозволете да нагласам: не е доволно само да се донесе закон, тоа е само првиот чекор. Политичката и културната средина и колку во неа луѓето се чувствуваат безбедни да пријават (злоупотреба, н.з.), дали се плашат дека ќе го изгубат работното место ако пријават, и дали ќе бидат сфатени сериозно се суштински аспекти кои мора да ги подобриме. Да дадам пример за мојата загриженост: во земја во која политичките партии во голем степен доминираат, можеме ли да очекуваме јавен службеник да пријави злоупотреба ако нејзината партија може едноставно да ја отпушти или да и се закани, неа и на нејзиното семејство? Имаме уште многу да изодиме на патот до навистина независна и професионална јавна администрација.

Како да се подобри состојбата? Кои би биле најважните чекори кои треба да се преземат?

– Мора да обезбедиме каналите за пријавување да бидат целосно независни и да ја заштитиме доверливоста (тајноста, н.з.) на луѓето кои пријавуваат. Особено во помалите градови и општини, мора да бидеме сигурни дека укажувачите ќе се чувствуваат безбедни да поднесат пријава, уверени дека нивните претпоставени нема да им се одмаздат, бидејќи таму се поголеми шансите да се дознае кој пријавил, затоа што е помал бројот на вработени. Друга работа која мора да се нагласи е дека директивата на ЕУ се однесува и на јавниот и на приватниот сектор. Оттука, бизнисот во Северна Македонија треба да ги следи барањата (на законот, н.з.) и да ги воспостави потребните процеси за пријавувањe.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Лекот против корупцијата е транспарентноста – истражување на Фондацијата Метаморфозис

Корупцијата останува широко распространета и загрижувачки проблем во С. Македонија, а „лекот“ против оваа деструктивна појава е транспарентноста. Традиционалниот пристап на создавање на што е можно повеќе закони има...