Кога истражувачката, проф. д-р Наталија Космина барала практиканти, забележала дека мотивациските писма што ги добива се сомнително слични. Очигледно ѝ било дека, за да ги пишуваат писмата апликантите користеле големи јазични модели (LLM/Large language model), што е форма на вештачка интелигенција која ги „храни“ чет-ботовите како „Чет Џи-Пи-Ти“, „Гугл Џемини“ и „Клауд“, пишува „Би-Би-Си“.

За време на предавањата на кампусот на Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ), Космина, која го проучува односот помеѓу луѓето и компјутерите, забележала дека голем број студенти полесно забораваат на содржините во споредба со оние од пред неколку години.

Со зголемената зависност од големите јазични модели, таа претпоставила дека ова може да влијае на когнитивните способности на нејзините студенти, па се обидела да дознае повеќе во врска со ова.

Загриженоста на истражувачите како Космина е дека ако станеме премногу зависни од ВИ, тоа може да влијае на јазикот што го користиме, па дури и на нашата способност да извршуваме основни когнитивни задачи. Сега постојат голем број истражувања кои сугерираат дека ова „префрлање“ на ВИ може да има разорно влијание врз нашите ментални способности.

Познато е дека алатките што ги користиме можат да го променат начинот на кој размислуваме. Со појавата на интернетот, на пример, задачи што порано барале длабоко истражување можеа да се решат со едноставно пребарување. Како што се зголемувала употребата на пребарувачи, истражувањата покажале дека сме помалку склони да паметиме детали, феномен наречен „гугл ефект“. Сепак, некои тврдат дека интернетот служи како надворешен систем за меморија што го ослободува мозокот за други задачи.

Но, сега расте загриженоста дека колку повеќе употребуваме големи јазични модели и други форми на ВИ наместо да размислуваме, нашата меморија и способноста за решавање проблеми се намалуваат. Алатките за вештачка интелигенција можат да пишуваат поезија, да даваат финансиски совети, а студентите сè повеќе ги користат ваквите алатки наместо да ја вршат сопствената работа.

Истражувањата веќе покажале дека младите луѓе можеби се посебно ранливи на негативните ефекти што користењето на вештачката интелигенција може да ги има врз клучни когнитивни вештини како критичкото размислување. Космина, сепак, сакала подлабоко да ги истражи овие потенцијални ефекти.

Таа и нејзини колеги од ангажирале 54 студенти да напишат кратки есеи и ги поделиле во три групи. На едната ѝ било наложено да користи „Чет Џи-Пи-Ти“. Втората можела да пребарува на „Гугл“, но со исклучени ВИ-генерирани резимеа. Третата група не користела никаква технологија, а мозочните бранови на секој студент биле мерени додека работеле.

Темите за есеите биле намерно отворени, што значи дека било потребно малку истражување, со прашања поврзани со лојалност, среќа или нашите секојдневни животи.

Според Космина, резултатите сè уште не се објавени во научно списание, но сепак биле впечатливи. Оние што користеле само сопствен ум имале мозок што бил „како во пламен“, со широко распространета активност низ многу делови од мозокот. Групата што користела само пребарувач сè уште покажала силна активност, особено во визуелните делови од мозокот, но групата што користела „Чет Џи-Пи-Ти“ покажала значително помала мозочна активност која била намалена дури до 55 отсто.

„Мозокот не заспал, но имало многу помала активација во областите поврзани со креативноста и обработката на информации“, вели Космина.

„Чет Џи-Пи-Ти“ влијаел и врз меморијата на луѓето. Откако ги предале своите есеи, луѓето од групата што користела ВИ не можеле да цитираат од сопствените текстови, а некои дури чувствувале дека делото не е нивно. И други истражувања покажале дека луѓето стануваат помалку способни да задржат и да се сетат на информации кога користат алатки за вештачка интелигенција како „Чет Џи-Пи-Ти“.

Иако наодите сè уште се во процес на рецензија, тие се совпаѓаат со резултатите од други истражувања. Една студија од истражувачи на Универзитетот во Пенсилванија укажува дека некои луѓе доживуваат нешто што тие го нарекуваат „когнитивно предавање“ кога користат генеративни ВИ чат-ботови. Тоа значи дека имаат тенденција да го прифатат она што им го кажува вештачката интелигенција со минимално преиспитување, па дури ѝ дозволуваат да ја надвладее нивната сопствена интуиција.

Слични ефекти може да се забележат и надвор од светот на ВИ чат-ботовите дури и во ситуации живот или смрт. Еден неодамнешен меѓународен истражувачки тим открил дека медицински професионалци кои користеле ВИ алатка за скрининг на рак на дебелото црево во период од три месеци, подоцна биле полоши во препознавање на тумори без нејзина помош.