Паркот на ветерни електрани „Богданци“ до крајот на август испорачал рекордни над 87 гигават-часови електрична енергија, што претставува натфрлање на планираното производство за тој период за 37,5 отсто.
„Четири месеци пред крајот на годинава, овој производствен капацитет што го користи ветерот како погонска сила, веќе остварил над 91 проценти од годишниот производствен план, предвиден во енергетскиот биланс. Производството на ветерниот парк „Богданци“ во првата половина од 2020 година заклучно со 30-ти јуни е 68.452 мегават-часови (мгвч) или за 43,5 отсто повеќе од планираните 47.712 мгвч“, соопштија од Електрани на Северна Македонија, ЕСМ.
Според ЕСМ, производството е поголемо од планираното поради поволните временски услови и ветровите поголеми од 4 метри во секунда, кои се во проектираниот работен опсег на ВЕЦ „Богданци“.
„Со реализација на втората фаза целосно се заокружува проектот „Ветерен парк Богданци“ на проектираната инсталирана моќност од 50 мегавати и вкупно годишно производство од околу 137 гигават-часови. Ветерниот парк „Богданци“- втора фаза, кој е во постапката за реализација, се состои нови 4 до 6 турбини, секоја со номинална моќност од 3 до 4 мегавати. Со втората фаза се врши зголемување на капацитетот на постоечкиот за дополнителни 13,2 до 15 мегавати. Планираната инвестиција на проектот е 21 милиони евра, од кои 18 милиони евра се од германската КфВ банка, а 3 милиони евра се средства на АД ЕСМ“, информираат од компанијата.
Инаку, енергијата од ветерот за производство на струја сè уште е незначително искористена во земјава иако постојат добри географски потенцијали, што е потврдено од сите досегашни студии според кои има најмалку 15 поволни локации за изградба на ветерни паркови.
Покрај засега единствениот парк на ветерни електрани во Богданци, пуштен во употреба во 2014 година, вториот ветерен парк треба да се гради во близина на Миравци, кај Гевгелија, со кој се предвидува да се збогати енергетскиот систем со уште 127 гигават-часови струја од обновливи извори на енергија. Проектот е дел од инвестицискиот план на ЕСМ од 2018 до 2022 година. Како што од ЕСМ изјавија за „Мета.мк“, течат подготвителните активности за отпочнување на проектот ПВЕ „Миравци“, а најмалку една година ќе трае испитувањето на влијанието на овој проект врз животната средина.
Предвидена е изработка на физибилити студија и биомониторинг заради заштита на животната средина, во согласност со нашата законска регулатива и онаа на ЕУ, а според ЕСМ, во изминатиот период меѓународните финансиски институции пројавиле голем интерес за финансирање на ветерниот парк кај Миравци.
Според последната Стратегија за развој на енергетика до 2040 година, во земјава е предвидена изградба на електрани на ветер со вкупна инсталирана моќност од 750 мегавати и вкупно проценето годишно производство на струја од околу 1.800 гигават-часови. Од планираните вкупни капитални инвестиции во енергетскиот систем, кои до 2040 година се во размер од 9,4 до 17,5 милијарди евра, главниот фокус е ставен на инвестициите во енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија со поддршка и финансирање на програми од странски фондови, финансиски институции и донатори.