Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, денеска соопшти дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата, како што рече, за да го зачува својот личен интегритет. Таа ги обвини премиерот Христијан Мицкоски и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, дека го опструираат судството и водат негативна кампања против неа и членови на Судскиот совет.
„И кога нема слух за подобрување на состојбата во судството, истото е опструирано од власта. Сметам дека единствено нешто што ми останува е да го зачувам мојот личен интегритет и мирот и спокојството – и моето, и на моето семејство, поради што поднесувам неотповиклива оставка од функцијата Претседател на Судскиот совет на Република Северна Македонија“, рече Дамева соопштувајќи ја одлуката на прес-конференција.
Дамева ги обвини политичарите од владејачката гарнитура за јавни напади од собраниската говорница, како и преку медиуми и портали, како што кажа, со нарачани текстови со цел да ја дискредитираат.
Таа истакна дека судството е под постојан притисок и предупреди дека овие обиди за контрола на судските институции сериозно ја загрозуваат независноста на правниот систем.
„Во изминатиот период имаше текстови споделени по некои портали на кои очигледно сервирани им беа текстовите и очигледна им беше намерата. Би истакнала дека правната битка се води во судница, а не со објавување текстови со невистинаита содржина. Евентуално сторено кривично дело или коруптивно дејствие, особено ако е предизвикано од носител на јавна функција, се пријавува пред надлежните органи“, посочи Дамева.
„И тука беше јасна намерата. Се бараше начин да бидам оцрнета. Доколку сум вршела влијание врз судии и обвинители, истите биле должни веднаш тоа да го пријават кај органите на прогонот “, додаде досегашната претседателка на Судскиот совет.
Според Дамева, Судскиот совет изминатава година покажал одлични резултати, со поддршката од „совесните, стручните и професионални членови“.
„Сметам дека докажав дека ниту сум политички избор, ниту сум привезок на некој, ниту пак некој може да ме контролира и да ми влијае. Се спротивставив на тогашната власт, се спротивставувам и на оваа власт“, изјави Дамева, додавајќи дека и понатаму останува член на Судскиот совет.
Дамева очекува мнозинството професионални судии во наредниот период да ја продолжат битката за правда со, како што кажа, канцерот во нивните редови.
Весна Дамева во април минатата година беше разрешена од функцијата претседател на Судскиот совет, кога Советот требаше да почне постапка за дисциплинска одговорност на апелациониот судија Енвер Беџети, затоа што девет месеци го држел предметот за масовното прислушување „Тврдина Таргет“ во фиока, со што беше овозможено предметот против ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков да се приближи до застарување.
Дамева и тогаш обвинуваше дека постапката против неа е политички мотивирана и незаконска.
Невладините набљудувачи оценија дека Судскиот совет ја разрешил Дамева преку постапка која не е предвидена со закон, а овој случај се најде и во Извештајот на Европската комисија. Сашко Георгиев експресно беше избран за нејзин заменик, а таа поднесе тужба до Управниот суд. За случајот имаше серија реакции и од домашната и од меѓународната јавност.
Дополнително, во јуни, судиите кои гласаа против разрешувањето на Дамева – Мирјана Радевска-Стефкова од Врховниот суд и Зоран Герасимоски, судија од скопскиот Апелациски суд, поднесоа неотповикливи оставки од функциите.
За претседателка на Судскиот совет повторно беше избрана на местото на Павлина Црвенковска во јануари годинава, откако претходно Управниот суд ја поништи одлуката за нејзино разрешување.