Вештачка интелигенција: Модерна алатка на дигиталното време за развој на општествата и цивилизацијата

фото: Michael Dziedzic на Unsplash

Уште од појавата на компјутерите луѓето се фасцинирани од идејата дека еден ден, тие можат да станат попаметни од нас. Разговор објавен на Интернет пред неколку недели ги натера луѓето да веруваат дека ваквата иднина можеби е и поблиску отколку што замислувавме. Транскрипт од разговор помеѓу човек-инженер и вештачката интелигенција „Ламда“ за која се чини дека има свои размислувања, па дури и чувства, е последниот случај кој крена прашина во светот околу развојот на вештачката интелигенција (ВИ) и до каде истата е напредната.

Инженерот вработен во „Гугл“ кој го објави транскриптот на интернет беше испратен на принуден одмор, а од компанијата рекоа дека го суспендираат поради тоа што објавил доверливи податоци. „Гугл“, исто така, целосно негираше дека „Ламда“ е свесна за своето постоење и развива чувства.

Преку платформите за социјални медиуми, мобилните апликации, автономните возила, паметните уреди во домот – ВИ со години е дел од нашето опкружување и го олеснува секојдневието на луѓето ширум светот. Но, иако речиси секој од нас носи вештачка интелигенција во својот џеб, вградена во мобилните телефони и секојдневно од неа бара помош – одговори на прашања или насоки за движење и ориентација – малкумина всушност разбираат што претставува вештачката интелигенција, на кој начин функционира истата и колку е оправдан стравот дека може да стане попаметна од оној што ја користи и контролира.

За развојот на ВИ, но и за тоа каде овој систем наоѓа примена во светот и во земјава, „Мета.мк“ зборуваше со д-р Христијан Ѓорески. Ѓорески е Доцент на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) на УКИМ и раководи со тимот за вештачка интелигенција во Емтек, Англија.

Негов интерес се вештачката интелигенција и машинското учење, применети за создавање на интелигентни системи, паметни уреди што се носат – паметни наочари, паметни алки. Учествувал во повеќе од 15 национални и меѓународни проекти, и моментално е раководител на Европскиот проект „WideHealth“. Aвтор е на повеќе од 80 научни публикации, од кои 19 во меѓународни списанија со фактор на влијание.

Д-р Христијан Ѓорески, Доцент на ФЕИТ (УКИМ) / фото: лична архива

Што претставува вештачка интелигенција (ВИ)?

Доколку започнеме од самото име, “Вештачка интелигенција“ (ВИ) би била секоја интелигенција што не е природна. Следно, би требало да се дефинира поимот природна интелигенција – што не е толку едноставно. Затоа, мојот поглед и објаснување за ВИ е пристрасен кон инженерската дефиниција, односно создавање интелигентни системи кои што ќе ни помагаат во секојдневието и ќе ни го олеснуваат животот – односно ВИ е модерна алатка на дигиталното време, со која што ќе го движиме општеството, развојот и цивилизацијата напред, преку развој на паметни и интелигентни компјутерски системи. Според тоа, вештачка интелигенција е модерна научна дисциплина, која што се појавува и развива со развојот на електрониката и компјутерските науки. Сигурен сум дека доколку прашате филозоф, психолог или когнитивен научник, ќе ви дадат различен поглед и дефиниција на поимот вештачка интелигенција.

Поимот ВИ за првпат го воведува професорот Џон Мекарти со неговите колеги во 1956 година во САД. Оттогаш, ВИ како наука ја следат многу контроверзии и мистерија токму заради името.

Постои една позната изрека токму од Проф. Џон Мекарти дека „во моментот кога нештото ќе почне да работи, никој не го вика ВИ повеќе“. На некој начин, како да сакаме ВИ да биде нешто кон кое што ќе се стремиме и никогаш нема да го достигнеме. Всушност, секаде каде што моментално користиме ВИ, употребуваме  различни фрази, па наместо ВИ, користиме зборови како „паметни“, „интелигентни“ или „автономни“.

Не може да се зборува за ВИ, а да не се спомне Алан Тјуринг, кој што е татко на компјутерската наука и, индиректно на ВИ. Првите размислувања за машини кои што ќе пресметуваат и ќе мислат, доаѓаат токму од Алан Тјуринг. Тој, исто така, го има дефинирано и познатиот Тјурингов тест за ВИ, кој што тестира дали човек може да распознае дали си пишува со друг човек или машина (односно ВИ). Според него, доколку стигнеме до фаза каде што човек не би можел да разликува дали на другата страна пишува со човек или машина, тогаш сме достигнале ВИ.

Луѓето најчесто имаат извртен поглед кога станува збор за ВИ, најчесто поради филмовите кои ја обработуваат оваа тематика, односно првата асоцијација им се роботи кои личат, зборуваат, размислуваат и функционираат како луѓе. Но, во моментов, ВИ и луѓето кои што работат во оваа област, воопшто не се стремат кон тоа, и во блиска иднина, односно со моменталната технологија и алгоритми – тоа не е возможно.

Затоа, треба да престанеме да размислуваме на роботи кога се зборува за ВИ, туку првата асоцијација да ни биде софтвер, односно паметни алгоритми, паметни уреди, паметни системи.

Колку е развиена ВИ денес?

Моментално сме во фаза каде што ВИ е всушност машинска интелигенција, односно интелигенција на компјутери, на компјутерски и на сензорски системи – односно интелигенција на податоци собрани од овие системи. Оваа ВИ, што создава алгоритми и системи што функционираат само за конкретна задача, се нарекува Вештачка тесна интелигенција – Artificial Narrow Intelligence. Во моментов сме во ерата на оваа ВИ – односно, ВИ што знае да игра шах, ВИ што знае да предвидува проблеми со машини пред да се случат, ВИ што знае да ги препознава нашите активности и да ни мери калории, ВИ што знае да управува автомобил и слично.

Следна фаза би била Вештачка општа интелигенција – Artificial General Intelligence – која што е дефинирана како интелигенција што е паметна колку и луѓето. Односно, да немаме ВИ и алгоритми за секоја задача посебно, туку дека тоа може да бидат општи алгоритми што би се приспособувале на различни задачи, на пример – ВИ што знае да вози автомобил, да знае да игра шах.

Последната фаза би била Вештачка супер интелигенција Artificial Super Intelligence – која што се дефинира како ВИ што е многу попаметна од луѓето.

Доколку прашате како би изгледало ВИ да вози автомобил, на повеќето луѓе прва асоцијација би им било робот што вози автомобил – но, всушност самиот автомобил е ВИ. Ние и денес веќе имаме комерцијални (не само прототипи) автомобили што можат да возат сами во повеќе од 90 отсто од времето (најчесто на автопат и добро означен пат), всушност, тоа е одличен пример за ВИ во пракса – тоа се сензорите, податоците и алгоритмите кои што го управуваат автомобилот.

Каде сè се користи вештачка интелигенција, каде наоѓа примена во секојдневното живеење и функционирање на луѓето?

Денешните алгоритми за ВИ (машинска интелигенција) се секаде околу нас, посебно во дигиталниот свет – со секое користење на мобилниот телефон, компјутер, автомобил, паметен часовник, паметни куќни уреди. Еден од првите успешни алгоритми за ВИ без кој што не можеме нормално да функционираме денес, е филтерот на емаил спам пораки. Најголем дел од нас не сме ни свесни дека преку 85 проценти од сите пораки се спам, кои што воопшто не стигнуваат до нашите сандачиња благодарение на ВИ алгоритми.

Денес сме сведоци на доста напредни апликации на ВИ во нашето секојдневие, како што се дигиталните лични асистенти (Apple Siri, Google Assistant) кои што со помош на паметни алгоритми од ВИ се способни да препознаат што зборуваме/прашуваме, потоа да извршат некоја конкретна задача (да закажат состанок, да креираат настан во нашиот календар, да испратат порака) и на крај со човечки глас да ни одговорат. Овие паметни асистенти се веќе способни и да „слушаат и разбираат“ на еден јазик и да одговараат на друг –  со што се овозможува комуникација помеѓу луѓе што разбираат и зборуваат различни јазици.

Можеби најнапредна ВИ што ја имаме и ја развиваме денес е ВИ што може самостојно да управува автомобили. Веќе гледаме комерцијални автомобили (Тесла) што се способни да управуваат сами (под одредени услови) со помош на ВИ и огромен број на сензори и камери. Постојат и прототип автомобили со ВИ што целосно самостојно управува со нив, кои покажуваат одлични резултати, но тие се сè уште во развој. Веројатно за многу кратко ќе треба да ги менуваме законите и правилата за возење, со цел подобро да се прилагодиме на автономните возила.

Дали некој одлучува и контролира како (ќе) се развива ВИ?

Како и секоја научна дисциплина, насоката на развој ја дефинираат луѓето што работат со ВИ, односно научници, истражувачи, инженери, ентузијасти. Но, моментално ВИ е во фаза во која што може и да им наштети на луѓето и во општеството во кое што живееме. Иако станува збор само за компјутерски системи, алгоритми, софтвер и податоци, сепак одлуките што ги прави ВИ може да имаат моќни последици на кои што мораме да внимаваме (на пример, сообраќајка предизвикана од автономно возило – ВИ). И затоа во последно време сè повеќе гледаме дебати и дискусија за воведување на правила и етички норми во ВИ.

Еден таков пример се автономните возила, кои што се управувани од ВИ. Постои дебата која поттикнува и законски решенија и правила за тоа кој е виновен доколку има сообраќајка во која учествува автономно возило управувано од ВИ. Има многу прашања кои што бараат внимание, на пример што ако сензорите/камерите затаиле, што ако алгоритмот што одлучува е погрешно испрограмиран, што ако другото возило кое што е управувано од човек ја предизвикало несреќата, итн.

Друг таков пример се вооружените автономни летала, кои што би се користеле во воени цели. Во моментов ја имаме технологијата за едно такво летало опремено со оружје, да препознае цел (човек) и да ја елиминира таа цел. Единствено што нè спречува оваа технологија да се доразвие и да се користи е етиката и правилата што ги поставуваме како луѓе.

Всушност, пред неколку години имаше јавен протест речиси на сите светски научници што работат со ВИ (преку дебати, писма и слично) да се прекинат и да не се финансираат вакви истражувања со цел да се избегнат такви злоупотреби во иднина.

Овој случај многу потсетува на нуклеарното истражување пред Втората светска војна, чија што главна цел било истражување околу добивање на енергија на ефикасен и евтин начин – но сите знаеме како тоа истражување се пренамени во изработка на нуклеарни бомби. Затоа, треба да сме претпазливи со ВИ и интелигентните системи што ги создаваме, и да размислуваме какви последици може да предизвикаат доколку дојде до некоја грешка или злоупотреба.

До каде е развојот на ВИ во Македонија?

ВИ во земјава е најзастапена во научните и истражувачките центри, како што се универзитетите. Со сигурност можам да потврдам дека со ВИ работат неколку факултети на УКИМ, меѓу кои и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), каде што сум и доцент. Во моментов ФЕИТ е раководител на Европски Твининг проект – „WideHealth“, во кој што заедно со странските партнери работиме на примена на ВИ во електронското здравство.

Покрај научните и истражувачките центри, во последно време сè повеќе имаме и ИТ компании кои што формираат мали тимови кои работат на примена на алгоритми од ВИ врз податоци (Data Science).

Конкретно, јас и мојот тим соработуваме со Англиска компанија – Емтек, за која што развиваме ВИ која што е вградена во паметни наочари, која што со помош на сензорите вградени во наочарите ги препознава активностите, фацијалните експресии и емоциите на човекот што ги носи, и на тој начин помага во секојдневните активности и потреби. Во моментов имаме прототип наочари со кои што собираме податоци на ФЕИТ, ги анализираме податоците и ги креираме овие алгоритми од ВИ, кои што за многу скоро ќе имаат примена во нашето секојдневие.

Исто така, со помош на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), добар дел на мали стартапи се поддржани и работат со примена на ВИ во индустријата.

ФИТР исто така започна со иницијатива за креирање на национална стратегија за ВИ, во која што учествуваме професори, инженери и претставници на индустријата и на невладиниот сектор.