Венко Филипче ја потврди кандидатурата за претседател на СДСМ

По Славјанка Петровска и Јован Деспотовски, Филипче е третиот кој ја потврди својата кандидатура

Фото: Фејсбук-страница на Венко Филипче

И поранешниот министер за здравство, Венко Филипче влегува во трката за лидер на СДСМ. Актуелниот пратеник на СДСМ ја најави својата кандидатура на ТВ 24.

„Поднесувам кандидатура за претседател на СДСМ“, изјавил Филипче.

По Славјанка Петровска и Јован Деспотовски, Филипче е третиот кој ја потврди својата кандидатура. Четвртото име кое се споменува во јавноста е Стефан Богоев, актуелен директор на Царинската управа, поранешен градоначалник на Општина Карпош.

Партијата објави отворен повик за самокандидирање на сите заинтересирани лица. Со одлука на Извршниот комитет се распишани вонредни внатрепартиски избори, кои ќе се одржат на 30 јуни годинава.

Постапката за кандидирање започна на 31 мај и ќе трае седум дена, до 6 јуни. Право на кандидатура имаат сите членови на СДСМ кои ги исполнуваат критериумите и „високите вредности, морални и етички норми“, објавија неодамна од партијата.