Велосипедски здруженија предлагаат антикорона простор за велосипедисти и пешаци

Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

Неформалното здружение за урбан велосипедизам „НаТочак“ и Здружението на граѓани „Одржливи иницијативи“, со поддршка од 40 формални и неформални организации упатија отворено писмо до надлежните институции за иницијативата „Простор анти корона“.

„Нашиот предлог итни мерки се состои во поттикнување на луѓето да користат велосипед или да одат пеш преку зголемување на површините за возење велосипед и за пешачење во вид на привремени велосипедски или пешачки ленти на сметка на коловозите. Во ситуација на значајно редуциран автомобилски сообраќај, овие интервенции е лесно да се реализираат без никакви негативни ефекти, како што покажува евалуацијата направена во Берлин“ – се вели во отвореното писмо.

Тие сметаат дека поттикнувањето на не-моторизираното движење (пешки и со велосипед) ќе придонесе и за намалување на загадениот воздух, а воедно и на луѓето ќе им се овозможи пристап до безбедна алтернатива, поради редуцираноста на јавниот превоз на кој се потпираат голем дел од граѓаните.

Здруженијата предлагаат на булеварите со повеќе ленти, најдесната лента да биде привремено наменета за велосипеди, а велосипедската патека (доколку воопшто ја има) да биде привремено наменета за пешаци. Исто така, улиците каде што има доволно широк коловоз да се воведат велосипедски ленти. Тие се повикуваат на примерите од Европа и светот, а истите може да се погледнат под хаштагот #ПросторАнтиКорона (Facebook) и #ПросторАнтиКорона (Twitter).

„Како што министерот за здравство посочува, кризата ќе трае во текот на целата оваа година. Сите европски и светски градови посочуваат: дури и после достигнувањето на пиковите, мерките за физичко дистанцирање ќе мора да потраат подолго време, барем во текот на наредната година додека не се пронајде вакцина или поефикасен лек. Исто така, ќе се зголеми бројот на луѓе кои ќе страдаат од проблеми со зглобовите, од кардиоваскуларни и други здравствени проблеми поради намаленото движење во периодот на строги мерки. Затоа, колку побрзо се започне со осмислување и спроведување на вакви мерки за овозможување поголем пешачки и велосипедски простор, толку подобро за сите“ – стои во отвореното писмо.

Иницијативата е доставена до Владата, Министерството за здравство, ЗЕЛС и Републичкиот Совет за безбедност во сообраќајот.