Вељко Беливук викан Веља Невоља и Александар Вучиќ. Скриншотови и фотомонтажа на КРИК.

Вељко Беливук, водач на криминалната група осомничена за значителен број брутални убиства и масакрирања, на сослушување во српското Обвинителство за организиран криминал пред две седмици негирал дека е убиец, но затоа зборувал за „соработката“ со претседателот на Србија Александар Вучиќ и други личности од врвот на владејачката Српска напредна партија.

Беливук пред обвинителите зборувал дека Вучиќ и неговите соработници му барале повеќе услуги – да се погрижи на трибините на „Партизан“ да не се скандира против српскиот претседател, да ги заплашува организаторите на протестите против власта, да се погрижи мирно да мине Парадата на гордоста, но и да влијае врз таксистите да ги откажат протестите против апликацијата за превоз „CarGo“.

Сето тоа се гледа од транскриптот од сослушувањето до кое дошол КРИК – Мрежата за истражување на криминалот и корупцијата.

Како што извести КРИК, се очекува на почетокот на следниот месец Обвинителството за организиран криминал да покрене обвинение против Вељко Беливук, познат како Веља Невоља, водач на хулиганско-криминалната група „Принципи“ што работел во рамките на црногорскиот Кавачки клан.

Беливук сега се сомничи дека стои зад пет брутални убиства, едно мачење, како и за продажба на дрога. Фотографии на обезглавените и искасапени тела на жртвите за коишто се смета дека им било „пресудено“ од Беливук и неговите соработници, досега повеќе пати беа објавувани на социјалните мрежи и во јавноста. Кланот на Беливук се смета за еден од најбруталните во регионот.

Но, тој исто така беше поврзуван со обвинувања за тесни врски со власта и „одработување“ за неа, а според сведочењето на Вељко Беливук на 5 јули годинава, веќе ќе се дојде до посериозни докази за поврзаноста на власта во Србија со организираниот криминал.

„Решив сè убаво да раскажам за мојот однос со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, министерот на полицијата Александар Вулин, со братот на Вучиќ, пријателите, кумовите и сите останати политичари што од нас бараа услуги, а сега се прават дека не се знаеме и „мијат раце“ од нас“, рекол Беливук на сведочењето во Обвинителството за организиран криминал.