Фото: Prasesh Shiwakoti (Lomash) on Unsplash

Делта-варијантата на корона вирусот, која за првпат беше регистрирана во Индија, го зголемува бројот на новозаболени лица од ковид-19 во Велика Британија. За период од една недела, за 79 отсто е зголемен бројот на новозаболени од делта-варијантата, додека приемот во болниците на пациенти е речиси двојно зголемен, јавува Гардијан. Експерти за овој лондонски весник велат дека Велика Британија се соочува со третиот бран на ковид-19.

Во Велика Британија досега прва доза на вакцина против ковид-19 примило 63,9 отсто од населението, додека целосно се имунизирани 46,5 отсто од британските граѓани. Во исто време, на дневно ниво во Велика Британија се вакцинираат над 400.000 лица. Сепак, изненадувачкото зголемување на бројот на новозаболени лица се смета дека е резултат на заразувањата кај помладите лица. Бројот на новозаболени лица во едно деноноќие се искачи на 10.321 лице, додека бројот на починати лица изнесувал 14.

Програмата за имунизација на населението во моментов се обидува да го надмине ширењето на делта-варијантата на корона вирусот во земјата. Притоа, аплицирањето на втората доза на вакцина кај постарите лица за експертите е клучно да се случи што побрзо за да се избегне „голем наплив на хоспитализации и смртни случаи“, посочува Гардијан.

Во меѓувреме, во бројот на починати лица од ковид-19 во Бразил надмина половина милион лица, јавува Би-би-си. Јужноамериканската земја се најде на второто место во светот според бројот на умрени од овој вирус, а експертите предупредуваат дека состојбата може да се влоши во услови на бавна вакцинација на населението и почетокот на зимата.

Во Бразил досега се вакцинирани со две дози само 15 отсто од возрасното население, а критичарите на бразилскиот претседател велат дека тој постојано го намалува степенот на сериозност во однос на последиците од корона вирусот, со неговото одбивање да ги поддржи мерките за социјална дистанца и скептицизмот кон вакцинирањето. Минатата недела во Бразил се забележани во просек по околу 70.000 новозаболени лица од ковид-19 во текот на едно деноноќие.