Околу еден милион млади луѓе во Англија, Велс и Шкотска ќе добијат можност да се вакцинираат за заштита од менингитис Б, пренесува Би-Би-Си Њуз.
Еднократната програма е воведена поради загриженоста од најголемото и најбрзо растечко жариште на менингитис Б досега во Обединетото Кралство, регистрирано годинава во Кент, како и по појавата на уште две „невообичаени“ групирања на случаи во Вејмут во Дорсет и Ридинг во Беркшир.
Вакцината, која се прима во две дози, ќе им биде достапна на учениците во завршните средношколски години во Англија, Велс и Шкотска, како и на младите на возраст од 18 до 25 години кои за првпат ќе започнат студии или ќе се сместат во студентски домови и други резиденцијални образовни установи оваа есен.
Здравствените власти велат дека програмата ќе помогне во заштитата на оние кои се изложени на „најголем непосреден ризик“. Одлуката следува по повеќе случаи на заболување, меѓу кои и смртта на 18-годишниот Арон Милс од Вустершир во јануари годинава.
Тој неодамна започнал студии на Универзитетот Џон Мурс во Ливерпул и за време на божиќните празници бил дома. Првично имал благи симптоми слични на грип и главоболка, но неговата состојба нагло се влошила.
„Кога во болницата ни кажаа дека станува збор за менингитис, бев збунет бидејќи мислев дека Арон бил вакциниран. Подоцна дознавме дека постојат различни видови на менингитис“, изјавил неговиот татко за Би-Би-Си.
Бактеријата што предизвикува менингитис Б се пренесува преку близок контакт, на пример преку бакнување, споделување електронски цигари, пијалаци или живеење во непосредна близина со заразено лице.
Британските здравствени власти наведуваат дека ризикот кај 18-годишниците и кај студентите кои првпат започнуваат факултет е поголем отколку кај нивните врсници поради интензивното мешање на различни социјални групи и животот во заедничко сместување.
Според професорот Шамез Ладани од UKHSA, одлуката за воведување на програмата следува по „три навистина невообичаени жаришта на менингитис Б“ и поради загриженоста дека во наредните години може да се забележи зголемена активност на менингококната болест.
Во март годинава во Кент беа потврдени 21 случај на менингитис Б, при што две лица починаа. Ова жариште се смета за невидено поради големиот број заразени во многу краток временски период. Во април беа регистрирани уште три случаи кај млади луѓе во Вејмут. Во Ридинг едно лице починало од болеста, а кај уште тројца студенти била потврдена инфекцијата.
„Досега бројот на случаи оваа година не се разликува значително од бројките во последните години, но бидејќи овие случаи се појавуваат кај млади возрасни лица, преземаме мерки за да ги заштитиме оние кои се изложени на најголем непосреден ризик.“
Вакцината „Бексеро“ (Bexsero), која ќе се користи во оваа програма, веќе рутински се дава на бебиња и мали деца, а доказите покажуваат дека обезбедува заштита најмалку шест години.
Тој додаде дека, иако вакцинацијата е најдобрата заштита од менингитис, граѓаните и понатаму треба да бидат внимателни на знаците и симптомите на болеста и веднаш да побараат медицинска помош доколку се посомневаат дека некој е заразен.
