Велика Британија вчера ги забрани телевизиските реклами за електронски цигари, откако пред само два месеци ги промени правилата за огласување со кои се овозможи нивно рекламирање, пренесуваат тамошните медиуми.

Одлуката ја донела Управата за стандарди за огласување(АСА). Таа била поздравена од здруженијата за борба против пушењето, кои ја проблематизираат легалноста на ваквите реклами.

АСА заклучила дека три реклами за е-цигари потсетуваат на традиционалното пушење цигари, прикажано на заводлив и гламурозен начин.

Од Управата објавиле дека одлуката е донесена и покрај тоа што во рекламите се избегнуваат изрази поврзани со тутунските производи и се емитуваат навечер, по 21 часот. Таа дејствувала врз основа на поплаките од разни лоби-групи, меѓу кои и Британското медицинско здружение и Акцијата против пушење, а имало и 187 поплаки од гледачи.

Поплаките, главно, се однесувале на отворената сексуалност на овие реклами и на тоа што се насочени кон малолетниците и кон лицата кои престанале да пушат, повикувајќи да ги пробаат е-цигарите.