fbpx

Велевска: Државата е глува за нашите пациенти заболени од рак, плаќаме насекаде освен на Онкологија

-

Една од болестите со која се соочуваат околу 1.200 жени годишно во Северна Македонија е ракот на дојка. Октомври во светот е познат како месец за подигнување на свеста и информирање со цел во одредени случаи да се спречи оваа смртоносна болест, пишува Порталб.мк.

Наташа Дачковска Велевска го има поминато патот на пациентка со рак на дојка и за Порталб.мк ја раскажа отворено својата приказна за болеста и предизвиците низ кои поминала во текот на лекувањето.

„Првпат сфатив дека имам тумор во левата града во далечната 1997 година, но за среќа беше бениген. По 2 години редовно следење морав да се оперирам и докторите ми отстранија тумор со големина на портокал. Имав 25 години кога првпат ми беше дијагностициран тумор, и тоа беше шок за мене. Операцијата помина добро, но по еден преглед по 6 месеци, тој повторно се појави. Отидов на преглед кај гинеколог, и на крај морав да направам операција на грлото на матката бидејќи имаше канцерогени клетки“, вели Дачковска Велевска.

После тоа, таа вршела редовни прегледи и сé било во ред, барем лекарите рекле дека нема простор за паника.

„Во 2009 година забременив и за чудо родив бебе, иако немав грло на матката. Детето се роди предвреме, но и тој лош период го поминавме. Во 2012 година, мојот сопруг ненадејно почина и тука започна голготата. Стрес, шокови, непроспиени ноќи, целиот товар беше врз мене и немав време да ја контролирам состојбата. Болката стануваше посилна, но сите ми велеа дека сум уморна. Беше лето 2015 година кога играјќи со малиот, имав големи болки, но бидејќи беше време на одмори, не можев да најдам термин и лекар. Конечно, на 13 октомври 2015 година отидов на ехо, следниот ден направив мамограм, а потоа биопсија, а на 5 ноември 2015 година се оперирав“, ни раскажува Наташа Дачковска Велевска.

На неа и бил изваден тумор од 8 см, трета фаза А, со осум лимфни јазли. Ја пратиле на онкологија, каде ѝ препишале 8 третмани со хемотерапија и 25 сесии за зрачење.

„Патот беше трнлив; по првите четири третмани завршив во амбулантна кола, а по останатите четири имаа болки во коските. Кога дојде времето за зрачење, имав воспаление поради што морав да се кријам од сонцето, бидејќи беше јули. Но, почнав да имам болки, и ми беа препишани антибиотици, сепак воспалението и температурата на градите не се смируваше, следеше биопсија и морав да направам уште една операција. Уште еднаш шок“, вели таа.

На 22 декември 2016 година имала друга операција, но закрепнувањето траело долго и било тешко. Во меѓувреме, на неа ѝ се појавил гинеколошки проблем при што требало да се направат 3 киретажи, од кои последната била ендометријален полип и пред канцерогените клетки. Наташа Дачковска Велевска морала да направи операција за отстранување на матката и јајниците, а тоа било на 28 февруари 2020 година, кога за малку ќе го загубела животот бидејќи имала алергија од анестезијата.

„Патот е многу тежок, особено кога сте сами и немате поддршка. Третманот е тежок. Постојано посетувам психолог бидејќи стравот е голем. Цело време мислев на тоа дека имам рак и дека ќе умрам. Инаку, државата е глува за нашите пациенти заболени од рак. Плаќаме насекаде, освен во онкологија. Морав да позајмам за да можам да преживеам. Ни требаат многу витамини, кои чинат, има многу прегледи. Најчесто ни препорачуваат да се дружиме со позитивни луѓе. Мислам дека темата за ракот сé уште е табу во нашата земја, и луѓето не сакаат да зборуваат за тоа и не одат на прегледи. Сега ќе бидат шест години откако се борам со оваа лоша болест и не знам колку компјутерски, магнетни тестови имам направено и сé уште одам на онкологија секој месец на преглед“, објаснува Наташа Дачковска Велевска.

Инаку, според податоците од минатата година, во Северна Македонија рак на дојка им се дијагностицира секојдневно на три до четири жени. Општините во кои овој тип на болест е позастапен во последните години се Виница, Кочани и Свети Николе, додека најмладата пациентка со дијагностициран рак на дојка има 17 години.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...