„Тагата е уште потешка кога знаеме дека не е судбина, туку последица на корупција“, „Каде да фатиме врски за да ги вратиме жртвите?“, „Одеднаш тишината стана посилна од секој врисок“, беа само дел од транспарентите со кои стотици граѓани во Велес денеска им оддадоа почит на загинатите во катастрофата што се случи во Кочани.
Граѓаните палеа свеќи во чест на жртвите и положуваа цвеќе во Младинскиот парк.
Во трагедијата во Кочани што се случи во саботата во дискотеката „Пулс“, животот гo загубија 59 лица. Вкупно, во моментов се третираат 178 повредени пациенти низ различни установи во земјава и во странство. Од нив, 64 се во болниците низ Македонија, 13 од нив се во приватните болници. Останатите 101 пациент се во повеќе установи надвор од Македонија во повеќе земји.