Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, останува на својот став дека нема уставна можност повторно да се свика Собранието.

По писмото што вчера Државната изборна комисија го упати до Вељаноски, а со кое го информира дека во одредени изборни единици има отстапување за повеќе од 5 отсто според бројот на гласачи, од кабинетот на собранискиот спикер информираат дека писмото од ДИК е само информација и дека Собранието нема обврска да презема какви било чекори.

„Ставот на Вељаноски е познат, нема уставна можност за повторно да се свика Собранието“, соопштија од неговиот кабинет.

Денеска, Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ, на прес-конференција реча дека ДИК потврдила дека нема услови за фер и демократски избори на 5 јуни.

– И дијаспората кажа „не“ за наместени избори. Во согласност со официјалните податоци од ДИК, во дијаспората за гласање се регистрирале вкупно 4.848 гласачи. Тоа значи дека дури и Груевски насила да сака да глуми избори, во дијаспората нема да се организира гласање. Уште еднаш бараме итно да се свика Собранието за да продолжи со работа и итно да се поништи одлуката на Иванов за аболиција – изјави Манчевски.

На прес-конференцијата на Манчевски реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што кажаа дека народот се спротивставува на деструктивната политика на опозициската партија и од таа причина СДСМ не сака да оди на избори на 5 јуни.

Денеска „Шарената револуција“ ќе протестира пред законодавниот дом за да му порача на Вељаноски повторно да го свика Собранието и да ги одложи изборите.