Вечерва завршува десеттото издание на „Џифони Македонија“, филмскиот фестивал за млади

Фото: „Џифони Македонија“ фестивал

Со прикажување на творбите создадени на креативните работилници организирани во изминатите шест дена, вечерва во 19 часот во киното „Милениум“ ќе биде затворено 10. издание на Меѓународниот филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“. Како што соопштуваат организаторите, шесте дена исполнети со филмска уметност, дискусии, разговори, полемики, многу забава, но и креација обединети под едно име, ќе бидат заокружени со видеорезиме и со изведба на сè она што на креативните работилници се создаваше изминатите денови, но и од сите средби со режисери, актери и уметници, што го направиле и ова издание на фестивалот за паметење.

„Вообичаено на последниот ден, покрај победничките филмови во сите категории, ќе бидат соопштени и имињата на дел најдобрите учесници кои в година ќе патуваат на „Џифони Италија“. На последниот фестивалски ден гостинка на фестивалот ќе биде 19 годишната актерка од Швајцарија, но со македонско потекло, Јана Секуловска“, информираат организаторите на фестивалот.

Секуловска толкува една од главните улоги во филмот „Семи, Џо и јас“ во режија на Карин Хеберлајн, кој ќе биде прикажан во програмата за сениори во 13 часот во киното „Фросина“. Овој филм освоил неколку меѓународни награди, меѓу кои оние на Фестивалот за детски филм во Чикаго, во Цирих и во Шлингел, Германија. Прикажувањето на филмот „Семи, Џо и јас“ и гостувањето на актерката е поддржано и од Амбасадата на Швајцарија во земјава.