Вечерва во Скопје завршна стрип изложба на млади стрип автори

Стрип на Андреј Ангеловиќ / Фото: Стрип Центар Македонија

Вечерва со почеток во 18:30 часот во Фантаст – арт студио Емилија и Стојче Тоциновски, Стрип центар на Македонија – Велес ќе ја отвори последната изложба, која е дел од проектот „Стрип училиште – Стрипот во интеркултурна едукативна мисија 2020“, финансиран од Министерството за култура на РСМ.

„Основна цел на проектот е развој на интеркултурноста, како и деметрополизација на културата во Р.С.Македонија преку едукативни стрип активности наменети за млади од разни етнички групи.“ велат од СЦМ.

Во проектот учествуваа млади таленти од Велес, Скопје, Битола и Куманово меѓу кои: Тамара Мишовска (Скопје), Јана Бутеска (Скопје), Ана Марија Благојевска (Битола), Ангела Димова (Велес), Сибел Исмаилова (Велес), Матеј Богатинов (Велес), Мартина Величковска (Скопје), Марија Арсовска (Велес), Анастасија Недељковска (Куманово), Ана Марија Стефаноска (Скопје), Мерема Сулејмани (Куманово), Андреј Ангелковиќ (Куманово), Јана Танчевска (Битола) и Теодора Крстевска (Битола).

Како што велат од Стрип Центар Македонија, преку овој проект се остварува зголемување на бројот на млади таленти, од разни етнички припадности, коишто и натаму ќе се занимаваат со стрип, но и афирмација на стрипот, како алатка за обработка и решавање на разни теми од општествената сфера.